[Предавање] Власта прави директен упад во автономијата на универзитетот

Слободата на универзитетот да ги утврдува начините на проверки на знаењето на студентите како и слободата на избор на студиските програми и на содржината на одделни предмети, се дел од клучните слободи кои ја градат автономијата на универзитетот, а врз кои власта прави директен упад, истакна професорката Елена Градишки Лазаревска на денешното алтернативно предавање на Правниот факултет.

Покрај овие, според Градишки важни се и слободата на универзитетот да ги утврдува условите и критериумите за студиите од прв, втор и трет циклус како и слободата на универзитетот да ги определува условите и постапките за избор во наставно-научни, научни и наставни звања.

Според неа, автономијата е суштинско прашање и затоа за решавање на проблемите смета дека треба да се има офанзивен концепт, а не дефанзивен како што во последно време вели дека го спроведуваат универзитетскиот Сенат и ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски.

„Јас сум во таа група на професори што сметаат дека одлуките треба да се критикуваат ако се противуставни“, рече Градишки.

Таа вели дека студентите влегле во фаза на преговори каде што не смеат да одат без да имаат цврсти аргументи, а за тоа според неа е потребно да се знае каде точно се врши упад на автономијата.

На предавањето се вклучи и професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ кој ги пофали студентите за нивната борба. Тој вели дека имал прилика да биде дел од еден период кога постоела автономија на универзитетот, но според него таа полека „еродира“.

Шкариќ смета дека студентите и да не успеат да ја добијат битката, треба да ги поттикнат идните генерации да ја продолжат борбата, а во понатамошните преговори треба да продолжат со јасен и краток концепт.

Во исто време, во една од предавалните на Економскиот факултет се отвори дискусија за што треба да се смени, а што реално се менува во високото образование. Неинформираноста за ефектите од новиот закон, но и стравот дека нема да го поминат обемниот материјал ако се одлучат на бојкот на настава, според некои студенти, се основните причини за пасивност и незаинтересираност за да се приклучат на своите колеги од автономните зони.

Со цел да ја зголемат свеста меѓу професорите и студентите во наредниот период најавија дека ќе започнат со интензивни алтернативни предавања и во поголемите амфитеатри.

Во меѓувреме, активностите на автономните зони во Скопје и Битола продолжуваат. Студентски пленум соопшти дека програма на автономната зона за првпат ги вклучува и алтернативните предавања на ПМФ и Економскиот факултет. Досега автономни зони студентите прогласија на Филозофски/Филолошкиот факултет, Машински и ФЕИТ, Архитектонски/Градежен и Техничкиот факултет во Битола.

Е.П.