Предавање на професорот Виктор Груев – изумител на очила со кои се гледаат клетките на туморот

Во понеделник (13 јули) во амфитеатарот на Универзитет „Св. Апостол Павле“ во Охрид професорот Виктор Груев од Универзитетот „Вашингтон ќе одржи предавање на тема „Инспирација од природата за сензори (применливи) во хирургијата“.

Професорот Груев (39) е изумител на специјално дизајнираните очила со кои хирурзите за време на операциите можат да ги видат клетките на туморот. Пронајдокот претставува вистинска револуција во светската медицина, бидејќи овозможува прецизно отстранување само на заболените клетки и запазување на здравото ткиво.

Во своето предавање тој ќе зборува за два типа на сензори чиј дизајн е заснован врз визуелни системи на животни и нивната примена во неврологијата и онкологијата. Првиот сензор е дизајниран врз основа на визуелниот систем на раковите Мантис (Mantis shrimp), а вториот се заснова врз визуелниот систем на пеперутките Монарх (Monarch butterfly). По завршување на предавањето Груев им нуди можност на заинтересираните студенти да разговараат за условите и можностите за запишување на докторски студии од областа на компјутерски науки, електроинженерство и биомедицинско инженерство на Универзитетот „Вашингтон“.

Почетокот на предавањето е најавено во 19 часот.