Предавање: „Како мојот живот стана културен работник – културните работници ја заземаат сцената“

„Како мојот живот стана културен работник – културните работници ја заземаат сцената“ е предавање/ презентација на Биљана Тануровска Ќулавковски и Ивана Васева, кое ќе се одржи во кино Култура, во среда (06 јули) во 19:30 часот.

Недостатокот од работни услови кој продуцира своевиден кршлив, непостојан, несигурен или прекаријатен начин на работа како и постојаната преокупација со професионалните ангажмани за кои никогаш нема доволно време, е една од главните теми која авторките ја разработуваат.

„Како мојот живот стана културен работник – културните работници ја завземаат сцената“, презентација/ предавање, кое го изведуваат двете авторки има елементи на перформанс кој драматуршки го разработија заедно со теоретичарот и драматург Рок Вевар од Словенија. Изведбата на оваа презентација/предавање е вид на експериментален формат и структура која има за цел да ги нагласи и истакне условите и контекстот во кој работат културните работници посебно оние кои се дел од независната културна сцена т.е. оние кои работат самостојно и не се дел од државниот или приватниот сектор во земјава.

Оваа нивна презентација се базира на подготовката на иницијативата „Работнички права на културните работници – Позиција на културните работници во независната културна сцена во Македонија“ која се подготвуваше во изминативе неколку месеци, во работни групи во кои учествуваа Биљана Тануровска – Ќулавковски, Ивана Васева, Виолета Качакова, Ивана Драгшиќ, Нада Пешева, Сафет Ахмети, Никола Узуновски, Мирко Попов, Ненад Тонкин, Гоце Наумов, Влатко Георгиев, Климент Попоски, Елена Ристеска, Сабрина Железник, Анастасија Петреска, Горјана Јордановска, Сања Арсовска, Ивана Павлаковиќ, Наталија Теодосиева, Симона Димковска и Милан Живковиќ.

Целта на оваа иницијатива е од позицијата на учесници во независната културна сцена да се преиспита терминот културен работник – слободен уметник и стручњак за култура, односно да се дадат предлози за негово (ре)дефинирање во рамки на „Правилникот за утврдување на критериумите, постапката и нaчинoт на обезбедување поволни услови и надоместоци од средства на републичкиот буџет, на самостојните уметници“ како и Законот за култура.

„Од истражувањето и праксата може да се заклучи дека во државата сеуште се практикува класичната поделеност на уметностите според која се одредуваат и верификуваат професиите во полето на уметноста и културата. Може да се заклучи дека не се пратат новите тенденции во уметноста и културата и „поновите“ професии не се вклучуваат во официјалниот дискурс или практика, или поточно во правната регулатива. Поради тоа, не се валоризира трудот, работата и учеството во градењето на сцената на одредени чинители на културната и уметничката сцена“, се вели во соопштението за настанот.

Васева и Тануровска – Ќулавковски претходно заедно соработувале на повеќе проекти меѓу кои и дискусијата/игра „Како да направиш фестивал со 100 евра и со 1 милион евра?“ која досега беше изведувана во Скопје, Битола и Љубљана. Со овој најнов проект тие ја продлабочуваат соработката во истражувањето, создавањето и изведувањето на нови формати на презентација и предавање на специфични теми во полето на културата.

Предавањето/ презентацијата како и иницијативата се разви во рамки на проектот „Култура за граѓански промени“ на организација на „ФРУ – Факултет за работи што не се учат“ Битола/ Скопје кој е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество што го реализира Фондацијата Отворено општество – Македонија. Партнери на проектот „Култура за граѓански промени“ се: Плоштад Слобода, Скопје; Центар за современи уметности, Скопје; Локомотива – Центар за нови инцијативи во уметноста и културата, Скопје и Фондација за развој на локалната заедница, Штип.