Предавање: „Африка во срцето и зад петите“ во клубот ГЕМ во понеделник

Предавање на тема: „Африка во срцето и зад петите: сликите за Африка во социјалистичка Југославија“ на Немања Радоњиќ, истражувач и докторант на Катедрата за современа историја при Универзитетот во Белград, ќе се одржи бо клубот ГЕМ во Скопје во понеделник (21 септември) од 19:00 часот.

„Во време кога, од една страна, во Македонија дебатите за социјалистичка Југославија се често политизирани и ревизионистички, и кога од друга страна, во регионот и во Европа имаме огромен бран на бегалци од други контитенти чија појава ги извади на површина ксенофобијата и расизмот кај голем дел од населението како во Македонија така и остатокот на Европа, сметаме дека една интелектуална дискусија ќе придонесе кон деконструирање на одредени културни и политички митови и кон стекнување на покомплексна претстава за односите меѓу културите. Предавањето нема за цел да го актуелизира или контекстуализира денешниот однос на (дел од) Европа кон Африка, туку во овие сложени времиња да не потсети на едно поинакво и не толку дамнешно интеркултурно искуство во овој дел на југоисточна Европа“, се вели во најавата на настанот, организиран од Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК).

„Досега најголема соработка и интерес за Африка во овие простори постоеле во време на СФРЈ. Од таа соработка и од тој интерес во Југославија произлегле бројни претстави, т.е. слики за Африка. Ова предавање ќе ги претстави главните претстави за Африка во југословенската политика, наука, патеписи и во популарната култура.“, вели Радоњиќ. 

Немања Радоњиќ е истражувач и докторант на Катедрата за современа историја при Универзитетот во Белград. Неговите истражувања се во доменот на социо-културната историја на југоисточна Европа во 20 век. За истражувањето „Претставите за Балканот во National Geographic (1888-2013)“ ја има добриено наградата „Андреј Митровиќ“ за најдобар магистерски труд. Во изминатите 2 години е соработник во истражувачкиот проект „Променливите претстави за социјалистичка Југославија“ при Универзитетот Хумболт во Берлин. Во моментот се занимава со претставите за Африка во СФРЈ, тема од која произлегува и ова предавање.