Предавачи од Оксфорд со програма во Македонија

Предавачи од Оксфорд со програма во МакедонијаБалканскиот институт за вера и култура по третпат во Македонија ја организира програмата Oxford Connections и овозможува директни средби на академици, професори, научници, студенти и други интелектуалци и размена на идеи со претставници од Универзитетот Оксфорд.

Програмата официјално ќе биде отворена денеска на Тетовскиот универзитет , на тема „Може ли верувањето во Бог да биде рационално во отсуство на докази?”, каде ќе предава докторантот Макс Бејкер-Хич, а попладне во Американското катче, предавање ќе одржат Грејс Маура и Скот Ејблс, пренесува МИА.

„Се надеваме дека преку програмата ќе направиме скромен придонес кон јавната сфера на општество зголемувајќи ги можностите на сите оние со потенцијал и капацитет за врвен дострел во нивниот академски развој. Нашата визија е интелектуалците да се поттикнат да ги понудат своите вештини и знаење кон подобрувањето на благосостојбата на сите што живеат во Македонија“, изјави д-р Костаке Милков, претседател на Балканскиот институт за вера и култура.

Организаторот како главен настан го издвојува форумот Веритас,  кој ќе се одржи во Младинскиот културен центар-Скопје, во четврток од 19 часот, со познатиот професор д-р Ендрју Бригс на темата „Нанотехнологијата, верата и другите невидливи работи“.

Третата програма – Oxford Connections се одржува на различни локации во Тетово и во Скопје, а ќе заврши идниот понеделник. Oxford Connections има за цел да ги поврзе релевантните установи во Македонија со Оксфордскиот универзитет, кој е меѓу водечките високообразовни институции во светот, пренесува МИА.