Правниот факултет објави низа забелешки на предлогот за државен испит

„И покрај извонредно кусиот рок за дебата, раководени од вокацијата и професионалната етика ги презентираме нашите забелешки и сугестии за Предлог законот“, велат од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, од каде додаваат и напоменуваат дека забелешките се интегрално поврзани со Мислењето за концептот за воведување на државен испит за студентите на универзитетите во Република Македонија, доставено до Интеруниверзитетската конференција на универзитетите во Република Македонија.

Еве дел од забелешките од Правниот факултет околу концептот на државен испит и другите најавени измени во Законот за високо образование:

Многубројните измени на Законот за високо образование од него направија контрадикторен текст
„Уште еднаш потенцираме дека многубројните измени на Законот за високо образование (дури 13) од 2008 до денес, од него направија неконзистентен, нејасен, непрецизен и контрадикторен текст, кој што наместо промени призведува проблеми. Затоа, цврсто стоиме на ставот за потребата од нов Закон за високо образование, со конзистентни, јасни и прецизни формулации, во функција на темелна реформа, креирани низ суштински дијалог на предлагачот со универзитетската заедница за детектираните проблеми и начините за нивно надминување во интерес на квалитетно, европски компатибилно и компарабилно високо образование“.

Предложените решенија не се креирани според номотехничките стандарди

I. Најпрво, како правници, не можеме, а да не забележиме дека предложените решенија не се креирани според номотехничките стандарди, затоа што: на голем број одредби местото не им е во закон, зошто, по својот карактер не се законска материја, па би требало да бидат регулирани со упатство; некои членови имаат невообичаено голем број ставови, кои што поради отуство на енумерација не можат да се читаат интегрално; некои одредби не се лоцирани на соодветно место од методолошки аспект, па дел од нив, наместо во Преодни и завршни одредби се нашле во основниот текст; јазикот е лош и му треба не само лектура, туку и редакција.

II. Во продолжение, ќе се осврнеме на предложените решенија, член по член.

Строго почитување на законските услови за воведување на трет циклус на студии

Член 1. Како факултет кој му припаѓа на прворангираниот универзитет, логично и прагматично е да го подржиме решението од членот 1. Сепак, свесни сме дека се работи за административен пристап, кој не е имун на арбитрерност, па како легалисти укажуваме на потребата од строго почитување на законските услови за воведување на трет циклус на студии, односно оневозможување и санкционирање на организирање на истите од универзитет кој што не исполнува некој од законски пропишаните услови, што не беше досегашна практика. Значи, сметаме дека треба да се комбинираат два критериуми: законските услови за организирање докторски студии и рангирањето.

Не постои правен основ ректор да биде странски државјанин

Член 2. Постојната законска рамка, односно de lege lata, не постои правен основ ректор да биде странски државјанин. Покрај формално-правната димензија (Законот за вработените во јавниот сектор) не смее да се заборави/занемари и суштинската димензија на оваа функција од аспект на изборот, комуникација со Сенатот, и другите органи, деканите, одговорноста за работата и сл. Да не ја заборавиме и финасиската страна.
Член 3. Забелешката од член 2, важи и за член 3, како од формално-правен аспект, така и од практичен: предлагање, избор, раководење со Деканатската управа, водење на седниците на Наставно-научниот совет…..
Член 4. Во Мислењето во врска со концептот за воведување на државен испит укажавме на бројните дилеми околу концептот на истиот, како и околу неговата операционализација.

Концепциски забелешки:

Понудениот модел е несоодветен да се вклопи во постојниот концепт на организирање на високото образование

а) Идејата за воведување на систем на дополнителна проверка на знаењата стекнати на високообразовните институции во Република Македонија е за поздравување. Но, понудениот модел е несоодветен да се вклопи во постојниот концепт на организирање на високото образование во Република Македонија, така што има сериозни недостатоци, како во концепциска, така и во практична смисла.

Обид за нивелирање на квалитетот на високообразовните институции

б) Понудениот модел, кој претпоставува дополнително надворешно оценување на знаењата на студентите за време на студирањето, во суштина, претставува обид за нивелирање на квалитетот на високообразовните институции, преку унифициран режим на дополнителна проверка на знаењата на студентите. Истиот е во спротивност, со концептот на организирање на високото образование со повеќе носители кои се наоѓаат во услови на конкуренција, гледан во контекст на принципите на пазарната економија важечки во Република Македонија.

Постојниот концепт на високо образование организирано врз конкурентски основи претпоставува различен (а не еднообразен) квалитет на знаењата

в) Постојниот концепт на високо образование организирано врз конкурентски основи претпоставува различен (а не еднообразен) квалитет на знаењата и вештините понудени од високообразовните институции – носители на високообразовната дејност, со тоа што минималниот квалитет на овие институции со оглед на ограничениот број на учесници се обезбедува преку повеќе системи, како што се системот на акредитирање на високообразовни институции, избори и реизбори во звања, акредитирање на наставно-научниот кадар итн.
Пазарната економија претпоставува препознавање на квалитетот на знаења и вештини

г) Пазарната економија претпоставува препознавање на квалитетот на знаења и вештини на дипломираните студенти – кандидати за вработување директно на пазарот на трудот, од страна на работодавачите, што истовремено создава притисок врз високообразовните институции за подигнување на нивниот квалитет за да би можеле да опстанат во услови на конкуренција со другите високообразовни институции.

Кај јавниот сектор дополнителната проверка се обезбедува преку различни системи на државни испити

д) Кај јавниот сектор, со оглед на ограничениот пристап за вработување, дополнителната (надворешна) проверка на квалитетот на кандидатите за вработување на државно ниво се обезбедува преку различни системи на државни испити специфични за карактерот на дејноста или работното место, како што се испитот за јавна администрација, правосудниот испит (во регулираниот дел од правната професија) итн.

Специјализирани државни испити во функција на дополнителна проверка на знаењата и вештините

ѓ) Кај регулираните професии (во и надвор од јавниот сектор), постојат специјализирани државни испити во функција на дополнителна проверка на знаењата и вештините, како што се државниот испит за медицинарите, претходно споменатите испити во правната струка, итн.

Проверка на знаењата – единствено по дипломирањето

е) Со цел да се сообрази со погорните пошироки концепти, надворешната проверка на знаењата стекнати за време на студиите во форма на државен испит/и би можело да најде место единствено по дипломирањето на студентите на високообразовните институции, и тоа во функција на обезбедување на дополнително препознавање (верификација, уверение) на нивото на знаења и вештини кое го поседуваат дипломираните студенти – кандидати за вработување, што на работодавачите (во приватниот и во јавниот сектор) би им овозможило дополнителен увид во квалитетот на пооделните кандидати, со оглед на различниот квалитет на бројните институции – носители на високообразовна дејност.
Притоа, при воведувањето на еден таков испит (државен испити/и), би требало соодветно да се води сметка и за специфичностите на пооделните сектори или дејности, со избегнување на непотребно дуплирање кај оние сектори и дејности каде што веќе постојат изградени системи на државен испит.

Сериозни потешкотии во изведувањето на наставата и оценувањето на студентите

ж) Понудениот модел за воведување на државен испит за време на студирањето би создал сериозни потешкотии во изведувањето на наставата и оценувањето на студентите и -во крајна линија- не е соодветен да одговори на основната цел за зголемување на квалитетот на високообразовната дејност во државата и на некои од клучните принципи на Болоњскиот процес.

Понудениот модел би можел да доведе до намалување на квалитетот на високообразовниот процес

з) Во конципирањето на наставата и начинот на проверка на знаењата на студентите, клучна улога имаат предметните наставници, кои меѓу другото ја утврдуваат литературата и другиот наставен материјал, како и методот на испитување, соодветни за карактерот и содржината на специфичниот наставен предмет. Воведувањето на дополнителен испит заснован врз методот на полагање преку тестирање (со заокружување од четири можни одговори), како паралелен испитен метод, би можело да предизвика постепено напуштање на испитните методи практикувани на факултетите под притисок на студентите соочени со неопходноста да го положат паралелното државно тестирање. Овие методи (како што се на пр. методите на есејско полагање, полагање „со отворена книга“, оценката на практичните вештини и на проблемското размислување на студентот итн.) се далеку посложени и поквалитетни од предложениот метод на тестирање, и одговараат на посебната природа на конкретниот предмет на изучување, различниот приод на предметниот наставник (кој ужива автономија), специфично селектирана литература и друг наставен материјал.
Оттука, наместо да го зголеми, понудениот модел би можел да доведе до намалување на квалитетот на високообразовниот процес, што е инаку негова основна цел.

Истовременото полагање на колоквиуми во истите квартали ќе создаде потешкотии

ѕ) Предложеното полагање на државниот испит квартално во годината, би се поклопило со истовременото полагање на колоквиуми во истите квартали и, воопшто тешко би можело да најде место во практична смисла со оглед на ангажманот и обврските на студентите кои произлегуваат од студискиот режим на високообразовните институции.

Со оглед на тоа што претставува дополнително оптоварување за студентите во текот на нивното редовно студирање, истото не ги запазува некои од основните барања на Болоњскиот процес, како што е барањето за скратувањето на времето на студирање и за растеретување на обврските на студентите на разумно ниво потребно за стекнување на диплома во однапред утврдени временски рамки.

Идеите за т.н. државен испит се во спротивност со уставно загарантираната автономија на универзитетот

и) Иницијативата во која се дадени идеи за т.н. државен испит на прв, втор и трет циклус студии што треба да го спроведе „новиот“ Одбор за акредитација и евалуација е во спротивност со уставно загарантираната автономија на универзитетот. Имено, Одборот за акредитација и евалуација како парадржавен орган и помошно тело на Министерот за образование и наука, ќе биде надлежен да врши верификација на оценувањето на студентите од прв, втор и трет циклус студии на постоечките високообразовни установи. Со тоа, овој орган презема улога на дел од наставно-образовниот процес односно оценувањето, што е основна дејност на универзитетите и на нивните единици.

Согласно Законот за високото образование, Одборот за акредитација и евалуација има надлежност да си ги преиспита своите решенија за акредитација на сите студиски програми како на јавните така и на приватните високообразовни установи. Фактот што Одборот извршил акредитација и на студиуми кои заслужиле да бидат акредитирани, но и на такви кои не требале да добијат решение за акредитација, треба да биде основ Одборот веднаш да започне со евалуација на веќе донесените решенија за акредитација, а не да претставува основ за воведување на државни испити. Министерот за образование и наука треба да инсистира Одборот за акредитација и евалуација да изврши вистинска евалуација на сите студиски програми (и на јавните, и на приватните универзитети), па оние програми кои не соодветствуваат на издадените решенија треба да ги укине и студентите да ги насочи во високообразовните установи кои работат соггласно со законот.

Прочитајте ги сите забелешки од Правниот факултет за концептот на државниот испит на веб-страницата Akademik.mk