Повторно уапсен египетскиот активист Ала Абдел Фатах

Угледниот египетски десидент, про-демократски активист Ала Абдел Фатах, кој веќе отслужи пет години затвор, сега повторно е уапсен додека ја издржуваше својата условна казна, јавува Алџазира по реакции од неговото семејство и активисти за човекови права.

Блогерот и инженерот за софтвер беше водечки глас меѓу младите Египќани, што првично во 2011 ја водеја побуната со која се стави крај на 30-годишното владеење на Хосни Мубарак.

Абдел Фатах беше обвинет за протест без дозвола и напад на полицаец.

По ослободувањето во март од озлогласениот затвор Тора, на Абдел Фатах му беше наредено да ги помине ноќите во полициската станица во наредните пет години, како дел од неговата условна казна.

Критичарите на власта велат дека апсењето е дел од брановите судири, најголемите откако претседателот Абдел Фатех ел-Сиси ја презеде власта во 2014 година.

Според организациите за човечки права, уапсени се скоро 2.000 луѓе, откако започнаа антивладините протести во Каиро и другите египетски градови.

Египетското јавно обвинителство во четвртокот ги негираше овие бројки, тврдејќи дека од почетокот на протестите биле испрашувани не повеќе од 1.000 осомничени.

Инаку, протестите беа поттикнати од Мохамед Али, актер и деловен договарач, кој самостојно се реши на егзил и повика илјадници да учествуваат во револт против египетскиот лидер.

Исто така, организациите информираат и за апсење на професорот и активист за човекови права, Мохамед Елбакер, кој добил 15-дневен притвор под обвинение дека ширел „лажни информации“ и дека е „елемент за поттикнување“.

Репортери без граници, пак, пред некој ден објави дека во Египет се уапсени шест новинари, во земјата која е на 163 место од 180 држави според индексот на слобода во медиумите.