Повик за волонтери за #WikiGap edit-a-thon!  

Објавен е повик за волонтери #WikiGap edit-a-thon!, кој ќе се одржи во „Јавна соба“ на 20 јуни од 17 часот. Целта е зголемување на бројот на текстови за истакнати жени од Македонија или значајни настани за родовата еднаквост на Википедија.

Организаторите ги покануваат заинтересираните да се вклучат во оваа иницијатива и заеднички да го комбинираат знаењето и интересот за да се адресира родовиот wiki јаз во Македонија.

„Википедија е најголемата и најкористената светска онлајн енциклопедија чија содржина е креирана од волонтерски придонес од страна на нејзините корисници, со голем потенцијал да влијае врз нашиот светоглед. Од нејзиното креирање во 2001, таа има околу 47 милиони статии на 299 јазици, a македонската верзија на енциклопедијата моментално има 94.693 енциклопедиски статии и целта и е да го собере целото човеково знаење на македонски јазик, знаење кое е бесплатно, слободно и лесно пристапно до секого.

Но, како и во други делови на општеството, постои родова нееднаквост на веб страницата по однос на застапеност на статии за жени и за прашања поврзани со женските права или родовата еднаквост. Глобална статистика е дека има 4 пати повеќе статии за мажи отколку за жени и 90% од содржината е креирана од мажи. Иако овие бројки имаат регионални варијации, јасен е фактот дека информациите поврзани со жените се многу помалку застапени од тие за мажите“, стои во повикот за #WikiGap edit-a-thon!.

Wikigap е глобална шведска иницијатива со идеја за премостување на овие разлики и родови нееднаквости кои опстојуваат во онлајн светот, која до сега генерираше околу 3000 нови или проширени биографии на жени на Википедија. Повеќе од 1.600 учесници во 50ина земји до сега беа инволвирани во пишување статии за жени на повеќе од 30 јазици.

Edit-a-thons се настани на коишто онлајн заедниците, од типот на Википедија и др. уредуваат содржини или подобруваат специфични теми или содржини.

Статиите ќе бидат на македонски јазик и можат да бидат од два типа:

1.Статии за жени за кои нема статија на Википедија (или е многу оскудна), чија содржина ќе биде искреирана врз база на стручна литература и сигурни и веродостојни извори;
2.Преводи на веќе постоечки статии за жени на Википедија од англиски (или друг јазик) на македонски јазик.

Распоред на настанот:

17.00: Пристигнување на учесниците и неформално дружење и запознавање
17.30: Кратко поздравно обраќање на амбасадорот на Шведска Матс Стафансон и партнерските организации
17.45: Презентација на Споделено знаење – Како се внесуваат содржини на Википедија? 18.15-21.30: Уредување статии со пауза за храна и дружење

Кој може да учествува?

Сите заинтересирани млади лица, студенти и млади активисти кои сакаат да придонесат за намалување на родовиот јаз во онлајн просторот и зајакнување на застапеноста на жените во онлајн Википедија енциклопедијата на македонски јазик.

За нивното учество ќе добијат сертификат од Шведската амбасада дека учествувале во настанот.

Доколку сакате да бидете дел од оваа иницијатива, може да се регистирате на следниов ЛИНК до недела, 17 јуни.

По потврдата за учество и пред настанот, волонтерите ќе треба да се регистрираат на Википедија како уредувачи (доколку немаат веќе кориснички профил), најдоцна до еден ден пред самиот настан.

Бројот на учесници ќе биде ограничен според можностите кои ги нуди просторот во Јавна соба.

Инаку, настанот е организиран од Шведската амбасада, во соработка со канцеларијата на UN Women во Скопје, во партнерство со НВО-и од областа на граѓанскиот и женскиот активизам, независни експерти, и академската сфера, како и со поддршка на тимот на Споделено знаење – Викимедија Македонија (Википедија на македонски јазик).