Повик за учество на Школата за политики организирана од Претседателскиот центар за политичко образование

Претседателскиот центар за политичко образование организира Школата за политики, на која се повикани да се пријават учесници со различно професионално искуство, кои имаат желба со своите знаења и вештини да придонесат за позитивен развој на општеството. Избраните ќе учествуваат во четири едукативни семинари со еминентни предавачи и обучувачи од државата и од странство.

Школата ќе се одржи во периодот од март до ноември 2021 година, за време на викендите. Присуството на сите четири едукативни семинари е задолжително. Учесниците кои ќе ја завршат Школата ќе се стекнат со сертификат.

Учесниците на Школата за политики ќе имаат можност да:
‒ ги унапредат своите знаења на темите демократија, одржлив развој, евроинтеграции и комуникации, притоа разбирајќи го процесот на креирање политики;
‒ следат предавања и интерактивни работилници од врвни домашни и меѓународни експерти;
‒ работат индивидуално и во групи со истакнати поединци – нивни врсници од општествениот и политичкиот живот во државата;
‒ ги зајакнат своите комуникациски, лидерски и меки вештини;
‒ имаат пристап до актуелна литература на темите и да следат општествени дебати на истите;
‒ остварат значајни контакти и да се вмрежат со експерти од областите кои ги опфаќа Школата.

Услови за учество:
‒ возраст од 25 ‒ 35 години;
‒ државјанство на Република Северна Македонија;
‒ работно познавање на англиски јазик, познавање на друг странски јазик ќе се смета за предност;
‒ истакнато учество во општествениот и политичкиот живот во државата, поттикнувајќи позитивни промени;
‒ солидни познавања на општествената терминологија;
‒ работното искуство ќе се смета за предност.

Потребни документи за апликација:
‒ Пријава која може да се симне на следниот линк;
‒ Биографија во облик на Europass CV;
‒  Две препораки од еминентни професори/работодавачи/соработници, релевантни за тематиката на Школата;
‒ Есеј на зададена тема по избор: 1. „Мојот придонес за позитивни промени во нашата држава“ и 2. „Мојата визија за демократскиот развој на Северна Македонија“.

Повеќе информации за Школата за политки при Претседателскиот центар за политичко образование се достапни на следниот ЛИНК. Селектираните кандидати ќе бидат повикани на усно интервју.

Целосната апликација треба да се испрати најдоцна до 1 март 2021 година на l.matevska@president.mk.

„Претседателскиот центар за политичко образование цели да организира инклузивни и пристапни настани кои ќе овозможат сите учесници, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, целосно да учествуваат. Доколку имате потреба од повеќе информации за пристапноста на настаните или апликацијата, можете да нѐ контактирате на l.matevska@president.mk“, се наведува во повикот.

Право на учество ќе имаат пријавените кандидати кои ги исполнуваат наведените услови и ќе достават целосна и навремена апликација.

Трошоците за семинарите и за хотелското сместување ќе бидат покриени од страна на Претседателскиот центар за политичко образование и партнерските организации.

Едукативните семинари ќе бидат одржани во согласност со протоколите за работа во време на пандемија со COVID-19, изготвени од Комисијата за заразни болести и усвоени од Владата на Република Северна Македонија.