Повик за учество на „Бела ноќ 2015“

Повикот за учество на годинашната културна манифестација „Бела ноќ“ е отворен, соопштуваат од Младинскиот културен центар. Единаесеттото издание на „Бела ноќ“ е закажано за 03 октомври 2015 година.

Годинава на „Бела Ноќ“ ќе бидат опфатени следниве области: визуелни уметности (ликовна уметност, фотографија, инсталација, видео арт, стрип, кибернетичка уметност), применети уметности (архитектура, визуелен/индустриски/веб дизајн, мода, дигитални креации), музика, филм и јавна уметност и урбани точки.

Селекцијата на уметниците ќе биде направена од страна на организаторите. Уметниците ќе бидат избрани според приложените дела. Квалитет, иновација и карактер во опсег на предложениот концепт, се главните критериуми при селекцијата на уметниците и нивните дела. Притоа дозволени се сите уметнички форми и медиуми реализирани со било кои инструменти или техники.

Со цел да земат учество на повикот, уметниците треба да ги поднесат следниве документи:
– биографија со личните податоци за уметникот или групата
– фотографии/ ДВД/ ЦД/ скици и цртежи
– промотивни материјали (доколку ги има): каталог, брошура, рецензии, осврти…
– пополнета и потпишана апликација

Апликациските форми заедно со дополнителните документи треба да бидат испратени најдоцна до 01 јули 2015 година, на следниве адреси:
Младински културен центар,со назнака (ЗА БЕЛА НОЌ 2015), Кеј Димитар Влахов 15. 1000 Скопје, Македонија или по пат на електронска пошта на: contact@belanok.mk