Повик за учесници за „Кино Кабаре Битола 2018“

Здружението за граѓански активизам ФОРУМ 16 – Битола го објавува повикот за учесници на првото „Кино Кабаре“ во Битола и почетокот на „КиноБит“, постојаната Кино ќелија во Битола.

Според ФОРУМ 16, оваа ќелија ќе развие програма со настани, вклучувајќи филмски проекции и техники дизајнирани да помогнат во промовирање на изработката на аматерски филмови и видеа.

„Секоја година планираме да организираме ‘Кино Кабаре’ настан, во кој учесниците ќе се состанат за да направат ‘кратки филмови за краток временски период’. ‘КиноБит’ е дел од светското Кино движење кое започна во Монтреал во 1999 година. Ќелијата ‘КиноБит’ ќе има специјална мисија – да го искористи краткиот филм како средство за промовирање на човековите права во Македонија“, велат од Здружението.

Првото „Кино Кабаре“ ќе се реализира во Битола во период од два последователни викенди. Програмата за првиот викенд (5-6-7 октомври) ќе се фокусира на запознавање на учесниците и формирање на тимови, како и работилници со стручни лица за техничките аспекти на филмот и за промовирање на човековите права преку визуелните уметности. За време на вториот викенд (12-13-14 октомври), велат од ФОРУМ 16, учесниците ќе се соберат на тридневен настан за време на кој ќе работат заедно за да подготват, произведат и прикажат кратки видеа.

„Учесниците за време на ‘Кино Кабере Битола’ се очекува да бидат дел од најмалку еден тим како продуцент, режисер, актер, кинематографер, монтажер и друго. Исто така, ќе можат да помогнат за потребите на друг тим. На пример, актер во еден тим и режисер или монтажер во друг. ‘Кино Кабере’ е проект кој е самостоен, со минимални придонеси од поддржувачите кои дозволија користење на просторот, опремата и слично. Учесниците треба да донесат каква било опрема за снимање на видео (вклучувајќи и ‘паметни телефони’) и да имаат способности што ќе ги користат или ќе ги споделат за време на ‘Кино Кабаре Битола’. Оние учесници кои не се од Битола ќе треба да си обезбедат сместување сами“, стои во повикот на Здружението.

Заинтересираните за „Кино Кабере“ можат да ја ја пополнат апликацијата за учесник најдоцна до 24 септември 2018 година.

Дополнителни информации ТУКА.