Повик за учесници на проектот „Уметност и дизајн на застапување”

Фондацијата за дебата и едукација ИДЕА Југоисточна Европа од Скопје отвори јавен повик за учество во едногодишниот проект „Уметност и дизајн за застапување”. Повикот е отворен за сите заинтересирани млади, младински активисти, студенти и членови на младински организации на возраст од 18 до 28 години од Република Македонија.

Проектот „Уметност и дизајн за застапување” ќе трае до крајот на септември 2016 година и предвидува обука за 30 млади луѓе, младински активисти и претставници на младински граѓански организации на нови, иновативни и алтернативни начини на застапување на нивните идеи, иницијативи, акции и активности. Преку пренесувањето на знаењето на ваквите вештини за застапување, кандидатите ќе ги зајакнат нивните капацитети и ќе го подигнат нивното знаење на едно поинакво и повисоко ниво на видливост пред креаторите на младинските политики во Република Македонија.

Учесниците во проектот ќе научат како да ги застапуваат нивните цели преку создавање графити, стенсили, стрипови, илустрации, фотографии, видеа. Во текот на проектните активности, учесниците ќе треба да создадат 12 кампањи за застапување. Работилниците ќе ги одржуваат познати македонски стрип – цртачи, уметници и експерти за дизајн и за застапување.

Активностите ќе се одвиваат во Скопје, а за примените кандидати од другите градови во земјата ќе бидат обезбедни сместување, храна и превоз.

Проектот е финансиски поддржан од Амбасадата на САД во Република Македонија. Општина Центар е партнер во проектот.

Заинтересираните кандидати можат да се пријават со пополнување на електронска форма, најдоцна до 20 ноември 2015 година.

Фондацијата за дебата и едукација ИДЕА Југоисточна Европа од Скопје е невладина организација која што постои од 2012 година. Таа е дел од меѓународната ИДЕА мрежа, која повеќе од 10 години има искуство со обуки за дебата, аргументација, креирање политики, медиумска писменост и граѓанско новинарство за млади луѓе. Мисијата на Фондацијата е работа со млади луѓе, кои што ги учи на дебатирање, критичко размислување, застапување, решавање на конфликтни ситуации, медиуми и јавно говорење.

Повеќе информации за проектот тука.