Повик за специјализирани обуки за визуелни ефекти, анимација и моделирање

Њуменс Бизнис Акцелераторот и тренинг центарот VFX Nest, во соработка со Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и компанијата за филмски визуелни ефекти и 3D моделирање и анимација – Fx3x, го најавуваат стартот на две високо специјализирани обуки кои имаат за цел да оформат високо платени и лесно вработливи кариерни профили во областа на филмската и ТВ индустрија и визуелните уметности.

„Со обуката за визуелни ефекти за филм учесниците ќе стекнат знаења и вештини за градење кариера како артист за визуелни ефекти и работа на интегрирање на дигитални елементи во претходно снимени материјали за филм или телевизија, а со обуката за 3D моделирање и анимација ќе можат да започнат кариера како CG Артист и да работат на компјутерски генерирани анимации и симулации, како и AR/VR/Game проекти“, посочуваат организаторите.

За време на обуките, учесниците ќе учат од експерти со над 15 години искуство во индустријата со учество во преку 100 холивудски наслови и ќе работат на практични примери. Артистите во Fx3x (www.fx3x.com), од каде доаѓаат и најголемиот дел од менторите, досега имаа можност да работат на филмовите: Terminator, Avengers, James Bond, Fast and Furious, Transformers, X-Men, Mission Impossible, Spiderman, Hunger Games, Alien, Jason Bourne, Star Wars, Star Trek, на суперхероите од Marvel и DC Universe и многу други. Секоја година 3-6 филмови на кои имаат работено добиваат и номинации за Оскар.

Организаторите најавуваат дека за прв пат најголемиот дел од вредноста на обуките е обезбеден од страна на организаторите во соработка со Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и компанијата Fx3x. Заинтересираните кандидати кои ќе бидат одбрани за учество ќе треба да обезбедат само дел од вкупната сума за партиципација во износ од 450 долари, во што е вклучен и бесплатен кариерен тест, кариерно советување од страна на кариерни советници и сертификат, а за најуспешните учесници и можност за вработување во Fx3x, како и работа на холивудски проекти.

„Програмата оваа година е збогатена и со изучување на нови софтвери и техники на работа според најновите потреби од индустријата и покриваат изучување, покрај на основите и изработката на елементи за композитинг, и на напредни техники на целосно интегрирање на елементите во сликата кај обуката за Визуелни ефекти, а во 3D Моделирање и Анимација додаваме и техники за обработка на предмети Motion Capture, како и изучување и апликација на Game Engines: Unity / Unreal и основи на Virtual Reality / Augmented Reality, кои ќе им овозможат на учесниците висока конкуретност и на поширокиот пазар на труд како во
примарната, така и во сродните дејности. Кариерни профили со вакви знаења и вештини освен во дигиталните и продукциските студија, потребни се и на пазарот за дигитални видео игри, како и во маркетинг агенции, компании кои работат развој на продукти, а и во архитектонската и градежната индустрија“, велат организаторите.

Двете обуки ќе се реализираат паралелно во времетраење од 420 часа во период од 5 месеци со почеток на 17-ти август 2020 година. Повеќе информации за темите и предметите може да погледнете на следниов ЛИНК.

Аплицирањето е во тек и ќе трае до пополнување на групите, а најдоцна до 31 јули. Сите заинтересирани можат да се пријават ОВДЕ.