Повик за работилница „Просторни интервенции во студентски домови“

Здружението за развој на урбана култура и актуелизација на простор, МЕЛЕЕМ Скопје, од 28 февруари до 1 март организира работилница насловена: „Мали просторни интервенции во студентски домови во Скопје, Штип, Битола“.

„Студентските домови во нашата земја имаат недостиг на содржини кои ќе го оплеменат престојот на студентите нудејќи нови современи активности за станарите и посетителите. Студентите и станарите имаат идеи за унапредување на овие простори, но ретко кога се консулитрани и нивните предлози се земени предвид“, велат организаторите.

Од МЕЛЕЕМ посочуваат дека на тридневната работилница ќе се работи на дизајни и идејни решенија за мали но значајни просторни интервенции за три студентски домови во: Скопје, Штип и Битола. На работилницата ќе се изработат три решенија за заедничките простории или дворните површини во рамки на студентските домови кои ќе имаат за цел да го подобрат престојот на студентите-станари. Трите решенија, кои ќе бидат резултат на тимска работа, ќе добијат поддршка за целосна реализација во просториите на домовите.

Учесниците на работилницата ќе имаат прилика да работат во три групи со менторство на тројца тренери, искусни архитекти.

Учесниците на работилницата ќе се здобијат со:

  • искуство за разработка на проект во мал размер
  • шанса за директно учество во концепција на просторна интервенција
  • искуство за изведба на просторна интервенција
  • работа во интердисциплинарен тим
  • јавна презентација и видливост на својата идеја

Учесниците на работилницата треба да бидат:

  •  студенти по архитектура, дизајн
  • студенти по пејзажна архитектура, градежен факултет, електротехнички, индустриски дизајн и сл.
  • сите останати заинтересирани лица, но предност ќе имаат учесниците од погоре наведените факултети

Заинтересираните учесници може да се пријават на формата на следниов ЛИНК најдоцна до 25.02.2020. За учесниците кои доаѓаат надвор од главниот град, ќе биде обезбеден превоз и сместување. За повеќе информации може да се обратите на meleemskopje@gmail.com.