Повик за пролетна академија за човекови права за млади

Хелсиншкиот комитет оваа година ја одржува 37-та школа, напредна академија за човекови права за млади на возраст од 19 до 24 години.

Пролетната академија, со поддршка на амбасадата на Германија, ќе се одржи во периодот од 20 до 26 мај во Извидничкиот центар во Охрид.

„Програмата на академијата е внимателно дизајнирана со цел да им овозможи на учесниците напредно разбирање на содржини поврзани со човековите права, дискриминацијата, говорот и делата од омраза, односно надминување на предрасудите, градење толеранција и разбирање за човековите права и механизмите на заштита. Покрај наставните содржини, учесниците ќе имаат можност да учат преку разни вежби и рекреативни активности, како и слободно време за меѓусебно дружење. Предавачи на академијата ќе бидат универзитетски професори и видни експерти во областа на човековите права, а тимот на Хелсиншкиот комитет ќе биде задолжен за организирање и спроведување на целосната програма на академијата“, соопштуваат од Комитетот.

Од таму потенцираат дека трошоците за учество во академијата се покриени во целост (превоз од секој град, сместување, оброци, работни материјали), односно нема да е потребен било каков надомест од страна на учесниците. Сместувањето е во двокреветни соби.

„Ги охрабруваме младите лица на возраст од 19 до 24 години без оглед на нивната етничка припадност и националност, верско уверување, сексуална ориентација, попреченост или било која друга основа да се пријават на овој повик доколку имаат желба да учествуваат на академијата“, се вели во повикот.

Повеќе за апликацијата за академијата ТУКА.