Повик за млади за приказна за „Европската недела на креатори на културно наследство“

Од 5 до 9 мај, во повеќе европски земји ќе биде одбележана „Европската недела на креатори на културно наследство“. Република Северна Македонија од годинава се приклучува кон оваа значајна иницијатива на Европските денови на културното наследство.

Целта на оваа иницијатива е да им се даде вистински и значаен глас на децата и младите луѓе и на тој начин да се откријат и поттикнат идните творци на културно наследство во Европа. Во текот на „Европската недела на креатори на културно наследство“, се поттикнуваат младите да ја истражуваат својата околина, да го запознаат културното наследство што ги опкружува, да изнајдат приказна за Европа во наследството што го одбрале, а потоа да ја постават приказната на Порталот на ЕДКН.

Сите приказни поднесени во согласност со правилата за учество ќе бидат објавени на ЕДКН Поралот. Рокот за поднесување на приказните е 9 мај 2019 година. Жирито на ЕДКН ќе селектира најмалку 10 креатори на културно наследство, коишто ќе бидат поканети да го посетат Стразбур и да ги запознаат останатите раскажувачи. Патните трошоци од државата на креаторите на наследство до Стразбур и назад ќе бидат покриени од програмата на Европските денови на културното наследство. Сместувањето за раскажувачите и нивните придружници за време на посетата ќе биде обезбедено од страна на Европскиот центар за млади, во срцето на европскиот дел на Стразбур.

Музејот на Република Северна Македонија, како координатор на оваа активност, ги повикува сите деца и млади луѓе од 12 до 18 години да го разгледаат и истражат наследството во својата околина и да ја раскажат својата приказна. Повеќе информации за проектот и начинот на аплицирање може да се најдат на следниот ЛИНК.

Во продолжение можете да прочитате повеќе за иницијативата и правилата за учество:

ШТО Е ТОА?

Европските денови на културнотo наследство претставуваат нajшироко прифатен партиципативен културен настан којшто го споделуваат граѓаните на Европа. Низ повеќе од 50000 настани што се организираат на годишно ниво во пеесетте земји – потписнички на Европската културна конвенција и повеќе од 30 милиони посетители, ЕДКН како заедничка акција на Советот на Европа и Европската комисија, претставуваат единствен пример на иницијатива што потекнува од теренот и е организирана со партиципација на милиони граѓани на Европа.

Децата и младите луѓе имаат клучна улога во иднината на заштитата и промовирањето на културното наследство и го претставуваат најзначајниот ресурс за креативни идеи и воопшто, за придонесот кон културата. Поради тоа, беше иницирана Европската недела на креатори на културното наследство, како клучна иницијатива на ЕДКН во рамките на Европската година на културното наследство 2018, којашто беше организирана и промовирана со двата слогани: „Европска година на културното наследство: Уметност на споделувањето“ и „Нашето наследство: Онаму кадешто минатото се сретнува со иднината“.

Она што започна како Креатори на културно наследство во Финска во 2013 година и беше прифатено како прекугранична активност од 2014 година наваму, беше препознаено од страна на Собранието на ЕДКН на 50 европски држави како иновативна и одржлива можност за активно ангажирање на најмладите, како по електронски пат, така и во нивната непосредна околина.

Целта на оваа иницијатива е да им се даде вистински и значаен глас на децата и младите луѓе и на тој начин да се откријат и поттикнат идните творци на културно наследство во Европа.  Во исто време, целта на Европските денови на културното наследство е да се надополни дефиницијата на европските вредности на наследството со гледиштата на најмладите. Иницијативата се однесува на „приказните“ коишто децата и младите ќе ги истражуваат и ќе одлучат да ги раскажат како сопствена интерпретација на културното наследство што ги опкружува. Ова е креативна можност за нашите најмлади активно да ги истражуваат и промовираат своите локални културни и историски знаменитости.

Во рамките на оваа активност, се охрабруваат децата и младите луѓе да ја истражуваат својата околина, да го запознаат културното наследство што ги опкружува и да изнајдат приказна за Европа во наследството што го одбрале. Приказните можат да бидат поставувани од страна на самите учесници, нивните родители или законските старатели. Приказната се поставува во форма на дигитална слика (фотографија, слика, цртеж, графика, илустрација или стрип) на ЕДКН Порталот, заедно со текст којшто дава дополнително објаснување. Значајно е да се напомене дека националниот координатор ги одредува конечните правила што ќе ви даваат смерници во рамките на оваа иницијатива.

Целите на Европската недела на креатори на културно наследство се следниве:

  • Да ги инспитира и охрабри децата и младите луѓе да го разгледуваат, истражуваат, анализираат и да се ангажираат околу културното наследство во нивното опкружување, како и да го поттикне нивното чувство за припадност кон заеднчкиот европски простор.
  • Да ги соберат искуствата и приказните за тоа како децата и младите луѓе ја доживуваат европската димензија на нивното локално културно наследство.
  • Да придонесат кон тоа да се идентификуваат и промовираат заедниците на млади луѓе коишто пројавуваат интерес за културното наследство.
  • Да го насочат вниманието кон идните #Креатори на културно наследство и да ги поврзат нив со другите љубители на наследството од останатите делови на Европа.

КОЈ МОЖЕ ДА УЧЕСТВУВА ?

  1. Деца и младинци на возраст од 12 до 18 години

Ако сте младо лице на возраст од 12 до 18 години и ако сте заинтересирани за разгледување, истражување и доживување на околината и наследството околу вас, тогаш вие сте вистинскиот #Креатор на наследство којшто го бараме! Се што треба да направите е да побарате од вашиот родител или законски старател да постави слика или видео од наследството што сте го одбрале и кратка информација за вас (вклучително и името и возраста) преку веб-страницата на ЕДКН и вашата приказна ќе биде објавена на EHD Portal (порталот на ЕДКН).

Со цел вашата приказна да биде промовирана, ви даваме на знаење дека приказните треба да бидат поднесени во присуство и со асистенција од страна на родител, наставник, музејски едукатор или законски старател.

КАКО МОЖАТ КРЕАТОРИТЕ НА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ДА ЈА РАСКАЖАТ СВОЈАТА ПРИКАЗНА?

Европските денови на културното наследство ги покануваат младите раскажувачи да ја претстават својата визија за европската димензија и за тоа кои европски вредности се отсликани на нивните културно-историски градби и локалитети.

Вашата приказна можете да ја пријавите на страницата Национален настан на www.europeanheritagedays.com , во секцијата на Книгата за посетители, којашто е достапна од 11 март 2019 година.

Очекуваме приказните да бидат поднесени на Event страницата на земјата во која што е базирана приказната. Учесниците треба да постават слика што ќе ја претставува нивната приказна за европското културно наследство во Visitor Book (Книгата за посетители) на националната страница. Приказните мора да содржат една дигитална слика или линк до видео, возраста на раскажувачот и краток текст, во кој ќе биде опишана приказната за Европа во културното наследство што го истражувале.   

После објавувањето на сите приказни на EHD Portal, секоја земја-учесничка ќе одбере најмногу 5 приказни, коишто ќе бидат посебно истакнати и ќе бидат испратени на Европскиот панел.

Европскиот панел ќе одбере најмалку 10 најинспиративни приказни од посебно означените поднесени приказни, а раскажувачите ќе бидат поканети да го посетат Стразбур.

Европскиот панел ќе се состои од 7 членови, два меѓународни експерти назначени од страна на Советот на Европа, двајца претставници предложени од Европската комисија, двајца претставници предложени од националните координатори на ЕДКН и еден претставник назначен од страна на релевантна младинска организација.

КОИ СЕ КРИТЕРИУМИТЕ?

Критериуми за пријавување на приказна

Раскажувачите би требало да:

  • Бидат на возраст од 12 до 18 години, во моментот на поднесување на приказната.
  • Да ја пријават својата приказна на мајчин или на англиски јазик.
  • Пред да ја постават приказната на веб-страницата, да изјават дека имаат право да ја пријават приказната со тоа што се согласуваат со условите во делот за одрекување.
  • Да поднесат најмалку една приказна

Советот на Европа го задржува правото да исклучи некоја од приказните и да ја повлече од веб-страницата на ЕДКН, доколку се открие дека не се исполнети критериумите за право на учество. Покрај тоа, Советот на Европа го задржува правото да исклучи некоја од приказните и да ја повлече од веб-страницата на EHD (ЕДКН), доколку поднесувањето на приказната не е во согласност со условите наведени на веб-страницата на EHD (ЕДКН).

Приказните ќе бидат селектирани според:

  • Оригиналноста и креативноста
  • Како приказната ги третира погоре наведените прашања

Критериуми за селекција за  објавување на приказните

Ова е пилот-проект инициран во рамките на Европската година на културното наследство 2018 и се планира да продолжи и во следните години, во периодот од февруари до септември.

Сите приказни што ги задоволуваат критериумите за учество во изборот ќе бидат објавени како Приказни на Европски креатори на културно наследство и ќе бидат промовирани на европско рамниште. Приказните ќе бидат објавени на јазикот на којшто се напишани од страна на раскажувачите.

Значајно е да се напомене дека во 2019 година заедничката европска тема прифатена од ЕДКН за одбележување на манифестацијата е „Уметност и забава“, така што ги поттикнуваме раскажувачите да се обидат да пронајдат приказна за Европа, и во материјалното, и во нематеријалното културно наследство, којашто ќе биде поврзана со ова одбележување.

Што очекуваме да содржат приказните?

  • Каква приказна за Европа можете да согледате во културното наследство во вашата околина?
  • Која е најинтересната карактеристика и дали е таа уникатна единствено за вашата културна средина или ја споделувате со други земји?
  • Што претставува европско културно наследство за вас?
  • Што кажува приказната за културната различност во Европа?
  • Како ја претставувате приказната низ слики и зборови?

КОИ СЕ ЗНАЧАЈНИ ДАТУМИ?

11 МАРТ 2019: Отпочнување на Неделата на креатори на културно наследство

Заедниците можат слободно да се вклучат во Неделата на креатори на културното наследство, на било кој креативен начин, почнувајќи од организирање на тема на денот или тема на неделата во училиштата, образовните установи, клубовите, асоцијациите, општините, културните институции и центри, преку соработка со други оператори коишто работат со деца и млади, се до групна работа со пријатели или во семејството.

Националните координатори, во соработка со локалните координатори, имаат значајна улога во „поставувањето на сцената“ за  Европската недела на креатори на културното наследство. Нивната улога во ширењето на информациите за #HeritageMakers Week е не само да ги обeдинат релевантните институции што донесуваат одлуки во оваа сфера, туку и да се погрижат децата и младите да бидат мотивирани и подготвени да ги посведочат своите приказни за време на ЕНККН.

18 април – 1 мај 2019: Разгледување, искуствено доживување, истражување и поставување на приказната

Датумот 18 април претствува прилика за двојно одбележување. Тоа е денот кога ќе го прославиме Светскиот ден на наследството и Меѓународниот ден на споменици и локалитети. Со цел да се приклучиме кон овие одбележувања, ги покануваме европските креатори на културно наследство да ја истражуваат својата околина во рамките на националното/регионалното/локалното опкружување.

За време на овој период, се поттикнуваат децата и младите луѓе активно да ја истражуваат својата околина, да го запознаат наследството околу себе и да создадат своја приказна за Европа, согледана во одбраниот локалитет, културно-историската градба, музејскиот предмет, и др. Приказните потоа можат да се постават во форма на дигитална слика или видео (цртежи, слики, фотографии, скулптури, графики, илустрации или стрипови) на ЕДКН Порталот (EHD Portal), по можност со напишана приказна која што би дала дополнително појаснување, но не е задолжителна.

5 – 9 мај 2019: Недела на креатори на културно наследство

Искуството на раскажување приказни го финализираме со една значајна недела на прославување: Дали сте запознаени дека Советот на Европа го одбележува Денот на Европа на 5 Мај , а Европската Унија на 9 мај? Во 2019 година сакаме да ја прославиме заедничката визија за Европа со темата „Уметност и забава“, преку промовирање на приказните за Европа на децата и младите, во вистински дух на „Европската недела на креатори на културното наследство“. На овој начин, можеме да го покажеме знаењето, различноста, единството и споделените вредности на младите луѓе на Европа. Рокот за поднесување на приказните во нашата земја е 9 мај 2019 година.

1 јуни 2019: Претселекција на #Креатори на културно наследство на национално рамниште

Националните кординатори од земјите-учеснички во проектот ќе извршат претселекција на најмногу пет најинтересни приказни од својата земја и ќе ги испратат нив на Секретаријатот на ЕДКН за финална селекција. Значајно е дека претселекцијата на национално рамниште се врши во согласност со правилата воспоставени од страна на институцијата што е национален координатор на ЕДКН и процедурата може малку да се разликува од држава до држава. Овие селектирани приказни ќе бидат посебно означени на ЕДКН Порталот, во рамките на сите поднесни приказни.

1 јули 2019: Финална селекција на најмалку 10 Креатори на културно наследство на европско рамниште

Жирито на ЕДКН ќе селектира најмалку 10 креатори на културно наследство, коишто ќе бидат поканети да го посетат Стразбур и да ги запознаат останатите раскажувачи. Сите приказни ќе бидат објавени на ЕДКН поралот, во Новостите и ќе бидат промовирани преку каналите на социјални медиуми на ЕДКН.

Ноември: Посета на Стразбур организирана за #Креаторите на културно наследство

Лоциран на оддалеченост до 650 км од градовите како што се Париз, Женева, Луксембург,  Вадуз, Милано, Минхен, Салзбург, Прага, Амстердам, Франкфурт и Брисел, Стразбур, или во превод, „град на патишта“, повеќе од 2000 години служи како точка на среќавање за цела Европа.

Од 5 мај 1949 година Стразбур претставува и симбол на единство и споделени европски вредности, за кои се залагаат европските институции: Советот на Европа, Европскиот парламент и Европскот суд на човекови права. Овој град е симбол на европската интеграција, одбраната на човековите права, демократијата и владеењето на правотo.

Европскиот дел на Стразбур е носител на Плакетата Европско наследство и неговиот центар е впишан на Листата на светско наследство на УНЕСКО. Стразбур е исто така познат по Божиќниот  пазар, којшто има 400-годишна традиција. Од тие причини, крајот на ноември е одлично време за да се организира посета за Креаторите на културно наследство (#HeritageMakers)! Во тие рамки, планирано е еднодневно разгледување на Стразбур со водич за децата/младите, заедно со еден родител или законски старател, наставник или било кое друго лице овластено од родителите како придружник на детето. Ова ќе биде возбудлива можност за креаторите на наследство да се запознаат меѓу себе, да разменуваат идеи, да ги посетат европските институции и градот Стразбур, како и светски познатиот Божиќен пазар.

Патни трошоци и сместување

Патните трошоци од државата на креаторите на наследство до Стразбур и назад ќе бидат покриени од програмата на Европските денови на културното наследство. Сместувањето за раскажувачите и нивните придружници за време на посетата ќе биде обезбедено од страна на Европскиот центар за млади во срцето на европскиот дел на Стразбур.