Повик до локалите и компаниите да ги поддржат мајките што дојат

По повод Светската недела на доењето 1 – 7 август, невладината „Матрoна“ го најавува проектот „Breastfeeding Friends – Пријатели на доењето”. Идејата е да гради заедница на субјекти/поддржувачи (ресторани, кафулиња, компании, институции) и заеднички дa се помогнe во подигнување на свеста за доењето.

„Преку најразлични активности ќе се обидеме да придонесеме сите субјекти/поддржувачи заедно со нас да помогнат и да го олеснат процесот на доење за сите мајки. Како дел од активностите во овој проект, НВО ‘Матрона’ ќе направи истражување преку анкетирање на целните групи. Целта на анкетата е да ја истражиме спремноста на општеството во поддршката на мајките за јавно доење и да дадеме поттик за сите идни мајки да ги дојат своите бебиња“, изјави Марија Зафировска, координатор во „Матрона“.

Сите субјекти кои што ќе го поддржат доењето ќе бидат означени како „Breastfeeding Friends – Пријатели на доењето“, ќе добијат благодарница за поддршката и ќе бидат промовирани на социјалните мрежи, со цел мајките да бидат информирани за поддршката од субјектите.

„Ги покануваме сите релевантни субјекти/поддржувачи од јавниот и приватниот сектор да се вклучат во овој проект и да бидат дел од  “Breastfeeding Friends – Пријатели на доењето” заедницата“, повикуваат од организацијата.

Од таму потенцираат дека мајките во Македонија традиционално сакаат да дојат, меѓутоа за тоа да трае подолго, потребна им е поддршка од семејството, здравствениот систем, заедницата и општеството.

„Доењето има огромно значење за унапредување на здравјето на новороденчето и носи значаен социјален и економски бенефит за семејствата и општеството“, соопшти Зафировска.

Организацијата посочува дека составот на мајчиното млеко е единствен, неповторлив и не може да се добие со ниту една технологија. Доењето е процес во кој учат и мајката и бебето. Тоа, велат тие, воопшто не е лесно и за да добие млеко и да го одржува доењето, мајката ќе треба да има голема поддршка и помош.

Инаку, „Матрона“ континуирано работи на подигнување на свесноста за поддршка и информирање на јавноста преку неколку проекти, а моментално во тек е проектот „Eдукативни работилници за доење, улогата на мајчиното млеко и грижа за новороденчето“.

„Поради голем интерес за едукативните работилници, во планот за оваа година решивме да ги прошириме работилниците низ цела Македонија со цел да се разберe важноста на мајчиното млеко за новороденчето и понатомошниот негов развој од доењето“, соопштија од „Матрона“.