Закон за антидискриминација со професионална комисија побараа пратениците и невладините

Има потребата од носење на Законот за спречување и заштита од дискриминација кој беше донесен, ама поништен од Уставниот суд со образложение дека бил неуставно изгласан,  сметаат пратениците од различни политички партии. Сепак, заедно со невладиниот сектор потенцираат дека е потребна негова измена во делот за избор на членовите на Комисијата за антидискриминација предвидена со законот.

Пратеничката од редовите на политичката партија Демократска обнова за Македонија (ДОМ) Маја Морачанин смета дека законот е од исклучително значење, со цел да се овозможи ефикасна заштита на граѓаните по сите основи од дискриминација, а како што додава таа, важно е што тој предвидува избор на професионална и независна Комисија за спречување и заштита од дискриминација.

Морачанин посочи дека во таа насока било и барањето од Мрежата за заштита од дискриминација, односно измена на членот 18 од законот, кој се однесува на постапката за избор на членовите на Комисијата, со цел да се овозможи уште потранспарентна и поинклузивна постапка, која ќе биде уште подостапна до јавноста за изборот на членовите.

„Ние од ДОМ сметавме дека барањето е издржано и дека ќе оди во насока измената на овој член со поднесениот амандман, во насока на зголемена транспарентност при постапката за избор на Комисијата, затоа и во согласност со временските рокови, вчера го поднесовме амандманот во собранието“, посочи пратеничката, пред почетокот на јавната расправа.

Клучно барање на мрежата од граѓански организации, вели Драгана Дрндаревска е Собранието да го усвои амандманот на членот 18 кој бил предложен.

„Прво, се работи за амандман кој што го предложивме до Министерството за труд и социјална политика (МТСП), амандманот беше прифатен од МТСП. Потоа, Владата го одби овој амандман, и сега нормално бараме оваа грешка да се исправи, со делување на пратениците, односно тие да го предложат амандманот, а потоа да го усвојат. Се работи за амандман од членот 18 со кој се уредува постапката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и нашата цел е да се осигураме дека ќе имаме транспарентна, инклузивна постапка, во која што на крај ќе се изберат луѓе засновани на заслуги, а не нивната партиска припадност“, потенцираше Дрндаревска.

Како здруженија, активистката вели дека постојано ја мониторирале состојбата со недискриминација, потенцирајќи дека имале вакви искуства. Тука, таа се осврна на претходниот состав на Собранието, за кое вели дека воопшто не ни успеало да избере членови на Комисијата.

„Објавија два огласи, воопшто не нè известија, зошто првиот оглас се поништува. На крајот, освен тоа што не успеаја да изберат, дадоа изјави за медиумите дека не можат да постигнат партиски договор. Значи, не станува збор за партиски договор, членовите на независните и регулаторните тела мора да се избираат согласно заслуги, само така ќе имаме професионална комисија, и само така на вистински начин ќе инвестираме во системот  за спречување и заштита од дискриминација. Бидејќи, видете, претходните два состави на Комисијата беа оценети и од страна на нас како здруженија на граѓани, и од страна на Европската комисија, телата на ООН, како непрофесионалци, како луѓе кои се поврзани со политичките партии, и согласно тоа не успеваа да овозможат ефикасна и ефективна заштита од дискриминација“, додаде таа и упати апел сите пратеници да го поддржат овој амандман, со тоа што, како што рече, ќе покажат дека немаат намера да го окупираат телото со партиски кадри, туку да овозможат вистински професионалци да застанат во оваа Комисија.

Според пратеничката и претседателка на Комисијата за еднаквост на мажите и жените Гордана Силјановска Давкова потребата од носењето на овој закон е неспорна, додавајќи дека мисли оти нема пратеник или човек кој не го посакува тоа.

Во меѓувреме пак, таа посочи дека забелешките во однос на законското решение се темелат на забелешките на Венецијанската комисија.

„Прво, мандатот на членовите на комисијата, забелешката на Венецијанската комисија е дека не е добро да има реизбор, јас исто така сум поборник на тоа дека не треба да има мандат, 5 плус 5, десет години, туку треба да има флуктуација на луѓе кои се квалификувани за оваа материја, се плашам од премногу моќ на едно место“, рече Силјановска Давкова.

Дополнително, пратеничката смета дека критериумите за избор треба да бидат, како што кажа, многу построги и поинакви, додавајќи дека тука, тој став е многу поблизок до ставот на невладините организации.

„Како некој што доаѓа од правната фела, би преферирала во Комисијата да доминираат правници, меѓутоа велам дека критериумите треба да бидат построги, што значи, не е доволно за мене да запишете 240 кредити и седумгодишно искуство во сферата на слободите и правата, туку поконкретни критериуми, постапката целосно се согласувам со невладиниот секторот, дека треба да биде поинаква, не да е се во рацете на Комисијата за избори и именувања, бидејќи таа е Комисија формирана врз партиски клуч, би сакала профилот на Комисијата да личи на оној за избор на Антикорупциската комисија, што ќе значи да има повторно партнерство помеѓу невладиниот секторот и пратениците, и тоа решение ќе го поддржам“, порача Силјановска Давкова.

Претседателот на Комисијата за еврпоски прашања Арбр Адеми изјави дека оваа јавна расправа се организира со единствена цел да има инклузивност во целиот процес, и како што рече да се слушне мислењето на граѓанскиот сектор и сите засегнати страни кои покажале и покажуваат интерес за содржината и квалитетот на предлог-законот.

„Иако се работи за идентичен текст и идентичен закон од претходниот кој беше укинат од страна на уставниот суд, така што повеќе од заинтетресирани сме да го слушаме нивното мислење, па утре на Комисија за европски прашања, да дискутираме за амандманите кои веќе вчера се предложени од страна на политичките партии, пратениците, и со интенција да ја подобриме содржината на тестот“, рече Адеми.

По оваа јавна расправа, законот патува во Комисијата за европски прашања, а потоа оди и на второ читање на пленарна седница на Собранието.

Законот првично беше донесен во 2018 година, а тогашниот претседател на државата не го потпиша указот за негово прогласување. Оттука тој повторно беше вратен во Собранието, каде повторно беше изгласан, а заради процедурални пропусти во мај годинава беше укинат од Уставниот суд.

М.К.