Постдипломски студии по филмско сценарио на Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип

Постдипломски студии по филмско сценарио на Универзитетот „Гоце Делчев“- ШтипОд академската 2014/2015 година во Охрид ќе почнат постдипломски студии по филмско сценарио, според програмата на престижната Академија за филмска и телевизиска уметност-ФАМУ во Прага, кои ќе бидат дел од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.

Македонија е прва земја со која ФАМУ склучува ваков тип соработка. Идејата е од 2008 година, а почна да се конкретизира со неодамна потпишаниот меморандум со МОН за соработка за формирање мешовит тим, најави денеска министерот за образование Спиро Ристовски на заедничка прес конференција со режисерот Иво Трајков.

Според најавите, дел од студиите покрај други еминентни личности, ќе бидат актуелниот декан на Академијата во Прага, Павел Јех и македонскиот режисер Иво Трајков, кој е професор на ФАМУ и амбасадор на македонската култура во Чешка.

Наставата ќе биде на англиски јазик, а дипломата ќе биде заедничка од УГД-Штип и ФАМУ-Прага. Најпрво ќе има само магистерски студии по сценарио, а потоа ќе се воведат за режија и за фотографија, како и додипломски студии.

ФАМУ е основана во 1947/1948 и е петта најстара филмска школа во светот. Од неа произлегле познати имиња во филмот и литературата, како Милош Форман, Милан Кундера, Јиржи Менцл, Вацлав Хавел, Лордан Зафрановиќ, Емир Кустурица.