„Post Global Trio“ го издаде својот четврти албум „Minus Seven“

„Minus Seven“ е четвртиот албум на Тони Димитров, Мартин Георгиевски и Димитар Додовски под името „Post Global Trio“, прв за холандската издавачка етикета Shimmering Moods Records.

По истоимениот првенец издаден за Post global recordings, тема поместена на компилацијата „Across the Mountains“, вториот албум Fluids (издаден за Unknown Тone во Америка) и третиот Clouds (за австралиската етикета Twice Removed во Австралија), по пауза од година и пол, проектот сега го издава и својот четврти албум.

„Додека на претходните албуми триото нуди долги лебдечки амбиентални делници, на овој албум, приказната разделена на 4 сегменти е концентрирана со ритмична структура, која заедно со синт текстурите, практично чинат една хомогена конструкција. Иако еднакво апстрактен и импровизиран како и претходниците, сепак материјалот е пофокусиран и поконкретен од досегашните албуми на ниво на аранжмани. Звукот е повторно втемелен на теренски снимки од природа, суптилна електроника, гитара и акустични инструменти, со значително повеќе динамика и флуиден тек благодарејќи на ритамот, кој пак побудува потопла атмосфера. Minus Seven инкорпорира поширок спектар на инструменти вплотени со течните теренски снимки чии звучни пејзажи даваат јасни слики на далечните територии на македонските планини каде тие се снимени, па за момент можете да се најдете во дивините на Лазарополе, пространствата на Маврово или пак покрај водопадите на Шара“, се вели во соопштението за албумот.

Инаку, албумот е снимен во живо, во една сесија, во студиото на Канал 103 (декември 2016). Мастерингот на албумот е на Early Reflections, додека фотографиите и дизајнот на каверот се на Тони Димитров. Изданието е достапно на ЦД, касета и дигитален формат, а може да  се набави на страната на издавачката етикета. Во изработка е и видео спот за една од траките на албумот.

Повеќе информации и стриминг на албумот овде.