Последна дестинација на „Ненаучена лекција“ и Кунстверкштат викендов во Тетово

Аматерската театарска група Кунстверкштат ќе го заврши својот театарски караван на претставата „Ненаучена лекција“ со изведбата во Тетово на 26 декември во Центарот за балканска соработка „Лоја“ со почеток во 18:00 часот.

Претставата „Ненаучена лекција“ е најновиот проект на групата и досега беше изведена во 4 градови во Македонија вклучувајќи ги Велес, Неготино, Струга и Скопје. „Ненаучена лекција“ е работена според текстовите „Ќелавата пејачка“ и „Лекцијата“ на Ежен Јонеско.

Кунстверкштат е група на млади ентузијасти и љубители на театарот функционира во склоп на Медиа/Арт клубот Скопје на Младински образовен форум. Започна како идеја на двајца, а прерасна во друштво без граници на креативност, посветеност и младинска критична мисла. Групата започна со работа во февруари 2014 како интерактивна работилница за перформанс и до сега има настапувано на повеќе настани како „Кој се плаши од молкот лош?“, конференцијата за друштвени медиуми и активизам „Engage”, Skopje Creative Hub, окупацијата на УКИМ „Автономна зона“ како и самостојните изведби на своите перформанси.

Во претставата играат:
Г-ѓа Смит – Марина Таневска
Г-дин Смит – Ангел Таневски
Г-ѓа Мартин – Константина Миновска
Г-дин Мартин – Дејан Јованов
Мари, слугинка – Срна Дуковска
Пожарникарскиот капетан – Петар Мукоски
Професорката – Ивона Кузмановска
Ученичка – Ива Цветановска, Јана Бангиева

Влезот на претставата е бесплатен.