Посетителите на Егзит први ќе направат свој музички видео микс на Балканот

Интерактивната интернет платформа „Mix the City – the Balkans“ изготвена од Британскиот совет и фестивалот Егзит годинава и официјално беше претставена на фестивалот Егзит во Нови Сад. Посетителите на фестивалот од целиот регион и од секој дел од светот можеа да ја испробаат оваа интерактивна интернет платформа, да направат свој видео музички микс на Балканот и веднаш да го споделат со своите пријатели на социјалните медиуми. „Mix the City – the Balkans“ сега е достапна за секого на www.mixthecity.com.

Платформата е резултат на партнерството помеѓу Британски совет и фестивалот Егзит кои ги повикаа британскиот музичар Гоустпоет, снимател од Велика Британија и дванаесет локални изведувачи од целиот регион за да создадат единствено музичко искуство кое раскажува неочекувана приказна за Балканот, поттикнува разговор меѓу луѓето и ги зацврстува пријателските врски.

Користејќи ја платформата „Mix the City – the Balkans“, публиката ширум светот сега многу лесно може да ги истражи и искуси сликите и звуците на Балканот. Со мешање на снимените аудио секвенци на дванаесетте уметници кои физички можеби никогаш не се сретнале, секој корисник треба да ја искористи својата креативност за да ги приближи и да ги поврзе осумте градови. Крајниот резултат од користењето на платформата е единствен музички видео клип кој може да се споделува и е генериран од корисникот со видео снимки од изведувачите и автентични предели од Балканот.

Во текот на неколку недели во март и април, Гоустпоет патуваше низ Балканот во потрага по афирмирани изведувачи и скриени таленти кои со својата музика раскажаа приказни за тоа како го гледаат Балканот, неговите градови, луѓе и култура. Ова беше возбудливо патување преку Бања Лука, Белград, Будва, Нови Сад, Приштина, Сараево, Скопје и Тирана. За време на турнејата, Гоустпоет сними секвенци со дванаесет локални изведувачи и видео материјал кој ги прикажува талентот, богатството и разноликоста на регионот. Приказните од снимените локации во осумте градови ќе им помогнат на корисниците на платформата да откријат некои од скриените богатства кои го прават Балканот посебен.

Дванаесетте локални музичари кои се дел од платформата се: Саша Кукољ од бендот Шизомантра (во Бања Лука), Хорнсман Којот (во Белград), хорот Хармонија и Верица Чуљковиќ (во Будва), Слободан Тркуља (во Нови Сад), Љибурн Јуполи и Флорин Фанај (во Приштина), Јусуф Бркиќ (во Сараево), Вера Милошевска од бендот Љубојна и Благојче Пенов од Стринг форсис (во Скопје), Фатос Ќеримај и Бледи Бораку (во Тирана).

По големиот успех на проектот „Mix the City“ во Тел Авив и Истанбул, „Mix the City – the Balkans“ е нова продукција на Британски совет и фестивалот Егзит. Проектот се реализира во соработка со британската креативна агенција „Флајинг обџект“.