Посетителите на археолошкиот локалитет Стоби ќе може да следат виртуелна борба на гладијатори

Посетителите на археолошкиот локалитет Стоби преку апликација за виртуелно доживување ќе можат да присуствуваат на виртуелна гладијаторска борба во театарот на Стоби и да се вратат во минатотот,  во II век од н.е.

Ова виртуелно доживување е изработено преку проектот „Откривање на римскиот град Стоби – Виртуелено искуство” со цел да ја зголеми туристичката понуда на Стоби преку обезбедување на нови искуства на локалитетот. Користењето на технологијата во промоција и доближување на културното наследство е можност да се привлечат повеќе посетители, пред сѐ нова млада публика.

Апликацијата за виртуелна реалност ќе им овозможи на посетителите на Стоби да добијат предно седиште во 3Д реконструираниот театар и на тој начин да ја доживеат гладијаторската борба како дел од публиката во гледалиштето. Целото искуство ќе биде збогатено со автентичната атмосфера карактеристична за еден ваков настан, како и со големината и монументалноста на овој империјален објект.

Проектот е поддржан од Регионалниот Совет за Соработка (Regional Cooperation Council) и финансиран од Европската Унија, а го реализираат Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 од Скопје и Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби.

Оваа новина, како што најавуваат од локалитетот Стоби, за кратко време ќе биде достапна за посетителите.