Посета во римскиот театар на Стоби преку нова мобилна апликација наменета за деца

Потребата на децата да им се прикаже богатото културно наследство со кое располага археолошкиот локалитет Стоби било мотив да се продуцира новата мобилна апликација за виртуелна реалност „Стоби Еду“.

Апликацијата, која наскоро ќе биде достапна за преземање, ќе овозможи преку користење на мобилните телефони да се искуси посета во римскиот театар на Стоби и да се доживее минатото на еден сосема нов начин.

„Достапноста на новите технологии дава можност апликацијата „Стоби Еду“ да се користи и во рамките на самиот образовен процес. Апликацијата може да ја збогати  наставната содржина во повеќе предмети во основното и средното образование преку интерактивно визуелно доживување на културното наследство“, велат од „Блинк 42-21“ – Центар за социјални иновации.

Центарот заедно со Институтот Стоби ја развиле апликацијата со подршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија.