Полска: Жените и праќаат податоци за менструацијата на премиерката што сака да забрани абортус

Жените во Полска почнаа да ја „тролаат“ својата премиерка Беата Шидло со испраќање податоци за нивниот менструален циклус, откако политичарката истапи во поддршка на целосна забрана на абортусот.

Земјата-членка на ЕУ во моментов има некои од најстрогите закони за абортус, кој се дозволува во случаи на силување или инцест или ако детето треба да се роди со тешки здравствени проблеми.

Сепак, минатата недела беше откриено дека државата ја разгледува можноста за целосна забрана на абортусот, која премиерката отворено ја подржа, што пак доведе до масовни протести пред зградата на владата во Варшава.

Затоа жените, инспирирани од американските активистки, под хаштагот #TrudnyOkres [тежок период], почнаа да и испраќаат на премиерката информации за нивните менструални циклуси, објавија светските медиуми.

Посебна ФБ страница пак беше посветена на информации за тоа како може жените да и се јават, да пратат електронска пошта или да ја повикаат премиерката на социјалните медиуми.

„Полската влада сака да ја контролира нашата матка, јајници и бремености. Зарем не е убаво тоа што тие се грижат толку многу?“, стои на страницата.