Половина од граѓаните немаат доверба во ниту еден политичар, сакаат власта да ги подобри економијата и здравството

64% од граѓаните на Северна Македонија веруваат дека земјата се движи во погрешна насока, покажува најновата анкета на јавното мислење на Националниот демократски институт (НДИ). Во неа, граѓаните одговараа на теми поврзани со демократија, владеење, мислење за Ковид-19, геополитика и дезинформации.

Мало мнозинство граѓани во Северна Македонија (52%) сметаат дека има назадување на демократијата. 58% од граѓаните ја преферираат демократијата како систем на владеење, но се скептични дека основните принципи како владеење на правото се достижни. На 56% од испитаниците квалитетот на живот им е поважен од демократските стандарди. Парадоксално, 72% преферираат и демократско управување но и владеење со „цврста рака“.

Економијата/можностите за вработување (37%), како и здравствените услуги/КОВИД-19 (21%) се главни проблеми за испитаниците, додека недовербата во судството (67%) и јавното обвинителство (63%) и понатаму опстојува, посочува истражувањето.

„Граѓаните немаат доверба во политичарите, а 53% од испитаниците немаат доверба во ’ниту еден политичар’ и очекуваат власта да работи на подобрување на економијата и здравството“, изјави Роберт Скот Хејзлет, директор на НДИ во Северна Македонија, додавајќи дека „загриженоста за политичката неказнивост и блокираните европски интеграции придонесуваат кон лошите перцепции за иднината на државата и нејзините демократски капацитети.”

Поддршката за Европската Унија е намалена во Северна Македонија

Иако 67% од испитаниците би гласале за членство во ЕУ, перцепциите за ЕУ се влошени, а 19% се против членството во ЕУ – процент кој во 2018 изнесувал 10%.

Резултатите од анкетата покажуваат дека поддршката за НАТО останува висока со 63% (64% во 2018), додека противењето на воениот сојуз се зголемило за 9% во однос на 2018, и сега изнесува 24%. Позитивното мислење за Турција, Русија, САД и Кина е зголемено во однос на 2018.

„Граѓаните имаат најдобро мислење за Турција (52%, зголемено од 42% во 2018)) и Русија (48%, кое се зголемило од 32% во 2018). Позитивното мислење за САД (43%) и Кина (38%) е намалено“, се вели во истражувањето.

Испитаниците остануваат лично загрижени за состојбата со Ковид-19

Значајно мнозинство од испитаниците се „многу загрижени“ за пандемијата, а власта доби лоши оценки за рестрикциите и комуникацијата за време на пандемијата, иако граѓаните имаат доверба во владините податоци поврзани со Ковид-19, покажала анкетата на НДИ.

„87% од испитаниците веруваат дека во медиумите се шират и дезинформации. 68% од испитаниците им веруваат на социјалните мрежи, а се информираат преку пријателите, семејството и колегите. Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб се доминантните платформи преку кои граѓаните се информираат, но испитаниците преферираат да дискутираат за политика и вести лице во лице, а не во интернет просторот“, се наведува во истражувањето, на кое се работело во март и април 2021, на репрезентативен примерок од 2410 испитаници.

Ова истражување е финансирано од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).