Полициска интервенција на Сорбона откако студенти се обиделе да ја окупираат зградата

Полиција синоќа интервенираше во францускиот универзитет Сорбона евакуирајќи ги студентите кои речиси три часа ја окупираа зградата. Студентите протестираа против реформите во високото образование.

Според канцеларијата на ректорот, студентите се обединиле во општо собрание на кое изгласале окупација на местото. По три часа преговори, ректорот побарал да интевервенира полицијата.

Ректорот вели дека жали што морал да го направи тоа.

„Евакуацијата, која опфати 191 личност, се одвиваше мирно и без никаков инцидент“, велат од канцеларијата на ректорот.

Повеќе универзитети веќе неколку недели се блокирани поради револтот кон реформата, која според нејзините противници претставува „селективно“ рангирање на дипломите на додипломските студенти,

За време на интервју, премиерот Емануел Макрон ги нарече студентите кои ги блокираат универзитетите „професионални агитатори“ и ги посоветува да ги ревидираат своите испити.

Според министерот за високо образование, четири универзитети се целосно блокирани или затворени: „Жан-Жорез“ во Тулуз, „Пол-Валери“ во Монпелје, Рен-2 и Париз-8. Во останатите, пак, наставата се прекинува или е блокирана. Ситуацијата се менува од ден на ден.

На Универзитетот Пол-Валери во Монпелје, кој е блоиран од средината на февруари, вработените и професорите вчера се соочија со студентите кои се спротивставуваат на законот, во бурна атмосфера.

Од Универзитетот информираа дека испитите кои требаше да се полагаат на дигиталната платформа „Мудл“ се одложени откако пред два дена некој ги оштетил серверите.