Полагањето испити на УГД ќе се одвива онлајн, по барање на студентите може и со физичко присуство

Ректорската управа на Универзитетот ,,Гоце Делчев” во Штип донесе одлука онлајн да се полагаат испитите во претстојната сесија.

Покрај електронски, студентите ќе може да побараат да полагаат со физичко присуство, но ќе треба да се почитуваат усвоените безбедносни протоколи, информираат од УГД.

,,Согласно со барањата на протоколот во периодот на сесија, односно во деновите кога има закажано испити со физичко присуство, се применуваат посебни мерки за лична заштита, дезинфекција и засилено одржување на хигиена во просториите каде што се реализираат испитите”, појаснуваат од штипскиот универзитет.

Според претходно направената анкета, студентите на УГД генерално се заинтересирани за електронско полагање, но како што посочуваат во соопштението, секое барање за полагање со физичко присуство ќе биде разгледувано од телата на факултетот и Универзитетот и почитувајќи ги сите протоколи ќе им се овозможи полагање на студентите.

,,Студентите претходно треба да го разгледаат протоколот за полагање испити кој има строги правила за физичко полагање, со цел да бидат добро информирани и строго да се придржуваат до него”, нагласуваат од УГД.

Протоколот може да се најде на следниов линк.