Поголема јавна свест и помош од државата побараа лицата со попреченост

Со цел да покажат дека пречките во физичкиот и интелектуалниот развој не значат ништо кога се има волја и талент, студенти и лица со попреченост денеска ја исполнија аулата на Филозофскиот факултет во Скопје со прекрасни украси, накит и цртежи, кои самите ги изработиле. Дел од нив ги покажаа и своите таленти како музичари и поети за да потсетат дека токму нивните различности ги прават еднакви со останатите граѓани во земјата.

Марија Христовска, студентка на Инситутот за дефектологија им демонстрираше на посетителите како да си го напишат своето име со помош на браевото писмо и како да му помогнат на слепо лице да премине улица или да влезе во автобус. Според неа, потребно е да се зголеми свеста кај граѓаните, но и помошта од државата за лицата кои живеат со некаков инвалидитет.

„Нешто се пробува со патеките за слепи лица што се поставуваат на булеварите и на улиците, меѓутоа мислам дека не се обрнува доволно внимание. Се пробува нешто да се направи, но треба многу повеќе, треба сите лица да бидат обучени, да не избегнуваат на улица кога ќе видат слепо лице, туку да му помогнат да влезе во автобус или да влезе во такси, да премине улица, а некако што гледам се тргаат. Сепак, треба малку поголема свест да постои и кај народот“, забележа Христовска.

На друг штанд, луѓето можеа да оставаат парична или друг вид на помош. Оние пак, кои сакаа да се забавуваат, но и да се информираат за проблемите со кои се соочуваат овие лица, уживаа во приредбата што ја подготвија студенти на Филозофскиот факултет и Институтот за дефектологија, заедно со нивните професори.

За образованието, прифаќањето од околината, како и рамноправноста зборуваше студентот на Педагошкиот факултет Александар Матовски-Цако, како лице со Даунов синдром. Тој побара еднаков третман без разлика на физичкиoт изглед или интелектуалниот капацитет. Покрај него, со своја изведба се претставија Џенгис Мемедовски од Педагошкиот факултет, кој со знаковен јазик толкуваше песна, додека Ема Ананиевска студентка на Факултетот за музичка уметност и лице со оштетен вид изведе дело на Шопен свирејќи на клавир. Настапот беше беше беспрекорен, а публиката ги поздрави со силен аплауз.

„Сите ги имаме истите потреби како што се искрената насмевка, искрената љубов, искрената почит, искреното разбирање. Значи, еднакви сме. Еднакви во тоа што сме различни, еднакви во желбата да сме заедно, за поубав свет, за сите нас“, порача студентот Игор Постолов од Филозофскиот факултет.

Со заедничка изведба, студентите побараа пофлексибилно образование, што ќе одговори на нивните потреби. Настанот насловен „Еднакви во различностите“ се одржа во рамки на одбележувањето на трети декември – Меѓународниот ден на лицата со инвалидност.