Поетско читање по повод две години од постоењето на Светската унија на поети

Во понеделник, (25 април), се организира двегодишнина од постоењето на Светската унија на поети основана од страна на италијанскиот кандидат за нобелова награда за литература, писателот и поет Силвано Бортолаци.

Како дел од Унијата, функционираат делегации, односно школи за поезија (Scuola di poesia) во неколку држави во светот, меѓу кои и Македонија, која почна да функционира во август 2015 година, откако за амбасадор беше прогласен концептуалниот уметник, поет и граѓански активист Митко Гогов.

Во моментот, во делегацијата на Македонија членуваат повеќе од 100 членови и ова е нивен прв официјален настан. Настаните се закажани за 25  април, а освен во Македонија слични ќе се одбележуваат и во неколку други држави во светот.

Настанот ќе се одржи со почеток во 20 часот, во новоотворениот простор на првата грамафон кафетерија во Скопје „Винил“, додека другиот наменет за средношколците ќе биде со награден карактер и ќе се реализира во просториите на гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово, во организација на проф. Јаготка Томовска.

Се најавува пријатна дружба со видео проекција, официјално читање поделено во два круга и секако, слушање на ретро македонска музика, по завршувањето на поетските рецитали, на грамафони, со диџеј кој специјално се подготвува за овој настан!

Освен овие настани е предвидено да се направи и првата е-книга во која ќе биде застапена авторска поезија од членовите на Школата за поезија, што ќе биде промовирана за време на настаните.