Поддршката е клуч во образованието – говорот на Ангелова Цвета на Ораторската вечер по повод Меѓународниот ден на Ромите

Реалното секојдневие и предизвиците на Ромите беа дел од темите кои ги говореа ораторите на темата „Ромскиот народ – минато, сегашност, иднина“. Ораторската вечер ја организираше Здружението на граѓани „Ромаверзитас“ по повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.

Во продолжение, го споделуваме говорот на Ангелова Цвета.

***

Големиот Нелсон Мандала еднаш рекол ,,Образованието е најмоќното оружје кое може да го промени светот‘‘. Сведоци сме колку брзо светот се менува, а со него и традициите воедно и културата на секој народ, некои обичаи остануваат во минатото се јавуваат нови традиции, како што минуваат генерациите. Но каде сме ние Ромите во цела оваа приказна, дали и ние сме чекор со светот. Во право бил Мандела навистина образованието е моќно оружје кое ги руши сите бариери, но сега природно се наметнува прашањето, колку ние Ромите го користиме ова оружје за да го смениме нашиот свет?

Првенствено драги мои правото на тоа оружје на младите Ромчиња им е одземено од најблиските, од семејството. Сега сите се прашувате зошто, па родителите секогаш го мислат најдоброто, што се согласувам со вас, ама и вие согласете се со мене дека се уште доминира мислењето да не си ги праќаат своите деца на училиште, токму затоа само 4% од родителите ги прашуваат своите деца што учеле денеска, а пак само 10% настојуват да обезбедат работна атмосфера за своите деца. Ромското секојдневие е исполнето со вакви ситуациии, работа атмосфера за овие деца не постои па затоа, колку пати сме слушнале приказна за млада Ромка на 16 години треба да биде омажена, а веќе на 20 да има две деца? Па тука сакам да ви поставам прашање, како тие млади жени да го продолжат своето образование, кога ги имаат своите деца и цело семејство на своите плеќи?

Па како овие жени да го променат својот свет, како да бидат академски успешни, да обезбедат подобра иднина за своите деца? Исто, колку пати сме слушнале приказна дека млад талентиран и исклучително вреден Ром наместо еден де да продолжи на факултет, бил принуден на 14 години веќе да работи, бил принуден да излезе од училишните клупи за да заработува за своето семејство. Бидејќи така треба, бидејќи ова се случува со генерации во семејството,бидејќи ромската културата и традицијата така налагаат. Ве молам, културата и традицијата не се изговор за нашите деца да не бидат образовани, за нашите деца да не го променат својот свет.

Драги мои, ова не се празни приказни. Сега некој од вас ќе си помисли: а не, во нашето мултиетничко општество постојат еднакви образовни шанси, задолжително е основното и средно образование, постојат казни кон родителите кои не ги праќаат своите деца на училиште, и тоа строги казни. Да, потполно сте во право! Држатава се труди сите да добијат шанса да го започнат ова бескрајно исполнувачко патување, сите освен ние Ромите.

Точно е дека постојат сите овие закони но ова не важи и за ромите, државата се уште не реагира, а со тоа младите Роми кои треба да бидат во училиште еднакви со своите врсници да чекорат горди кон своето знаење, тие се оставени да чекорат необразовани низ улиците на нашата држава, а државата го толерира сето ова. Тоа го знам јас, а и го знаете сите вие. Понекогаш вака искрено да ви кажам седам и се прашувам, па добро дали на државата и одговара да биде вака? Бидејќи занете колку е по необразован народот толку полесно можеш да го лажеш, да го манипулираш, па дури и да го искористуваш. Понекогаш добивам впечаток дека оваа држава не сака да го предаде образованието како оружје на Ромите, можеби тоа е причината зошто младите и невини Ромчиња ги сместува во специјализирани училишта.

Да, да драги мои добро слушнавте во специјализирани училишта, а знаете која е причината? Недоволно познавање на македонскиот јазик, ве молам замислете дете од 6 години дома зборува на ромски јазик, соседите исто, неговата мајка му пее на ромски, па како тоа дете да одговара на прашања на македонски јазик? Јас навистина не знам од кога недоволното познавање на македонски јазик е ментална попреченост, јас познавам и други етникуми кои живеат и гордо чекорат и си го зборуваат својот јазик па нивните деца се во нормални училишта дури и се држи настава на истиот. Во иднина сакам да бидам професорка, кога им ја соопштив оваа важна вест на моите дома, не добив голема поддршка, добив прашање, како сакам толку време да поминам во учење и соопштение дека моите имале други планови за идината.

Иако не ја имав потребната поддршка во голема мера, се уште бев толку импресионирана од знаењето кои го поседуваат професорите, и нивната привилегија да го пренесуваат своето знаење на наредните генерации кои доаѓат и колку мора да се горди со нивната позиција во општеството, со нивниот придонес. Денеска, се прашувам зошто професорите молчат пред сето ова што им се случува на младите Ромчиња, зарем не се просветни работници? Тие се свесни дека нашите деца не го разбираат македонскиот јазик и пола од наставата, но се уште не преземаат ништо, прво како професори како дел од образованието, а после како членови на ова општество.

Зошто молчат кога пред нивни очи млади деца полни со неискористен потенцијал се сместувани во специјални училишта?

Каде се сега професорите да кажат стоп на сегрегација, да кажат стоп на дискриминацијата, а се спротистават на ваквиот систем? Тие се неми, исто како и државата, исто како и општеството. Неми сведоци пред системот кој ги притиска Ромите на дното, систем кој ги препушта Ромите сами на себе.

Затоа ве молам, како припадник на Ромската етничка заедница, и како иден родител, не дозволувајте нашите деца да го немаат в раце најмоќното оружје на светот, оружје кое ги руши сите бариери и пресрасуди. Ние заслужуваме повеќе, нашите деца заслужуваат повеќе, тие имаат право да бидат еднакви со своите врсници да другаруваат и да ја креираат својата иднина на милион други начини а не да ги поминваат најбитните години од нивниот невин живот во специјализирани училишта. Така не се стекнува она оружје за кое зборува Мандела, тоа оружје се стекнува зад училишните клупи во првите редови гордо бидејќи овој систем очигледно е креиран да не успееме.

А навистина малку недостасува за работите да бидат поинакви. Семејството да поддржува, државата да прекина да игнорира и да се активира. А професорите да се поттсетат дека се просветители, бидејќи тие имаат должност за развојот на ромските деца, во нив лежат нашите идни доктори, инжињери, професори, архитекти, спортисти, дизајнери, уметници. Во нив лежи иднината на сите нас Ромите, не ја уништувајте. Напротив, охрабрете ја со најсилното оружје ОБРАЗОВАНИЕТО.