Поддршка за новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација

Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија дава поддршка на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација.

„Конечно, текстот на законот изречно ги содржи сексуалната ориетација и родовиот идентитет како дискриминациски основи, што за нас значи исполнување на едно од основните барања на ЛГБТИ заедницата. Воедно, претставува исполнување на обврските што Република Македонија ги има преземено пред меѓународите и регионалните тела за човекови права, вклучувајќи ја Европската Унија, Совет на Европа и комитетите на Организацијата на Обединетите Нации. Со тоа, државата ќе покаже политичка волја за афирмација на основните човекови права и нивна заштита и промоција“, соопштија од мрежата.

ЛГБТИ заедницата е една од најмаргинализираните заедници во општеството која често е мета на насилство и дискриминација, велат од мрежата и забележуваат дека нема ефикасни механизми за заштита и превенција од дискриминација. Остри забелешки упатуваат за досегашната работа на Комисијата за заштита од дискриминација и укажуваат дека новото законско решенија има подобрувања за овој сегмент.

„Новиот закон предвидува формирање на професионализирана и независна комисија за спречување и заштита од дискриминација. Членовите на Комисијата ќе имаат статус на именувани лица кои функцијата ја извршуваат професионално и таа ќе биде неспоива со извршување на друга јавна функција или функција во политичка партија или работно место. Дополнително, критериумите за избор на нејзините членови ќе бидат повисоки во однос на критериумите кои ги предвидува постоечкиот закон и кои овозможија во комисијата да членуваат лица кои воопшто немаат искуство од областа на човековите права, но имаат искуство во ширење на говор на омраза“, стои во соопштението на Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата.