Почнува Галичката ликовна колонија

Традиционалната интернационална Ликовна колонија Галичник, 26-та по ред, ќе започне утре (15 август) и ќе трае до 22 август.

На неа ќе земат учество девет уметници од повеќе земји и тоа: Дејвид Гринберг – Велика Британија (еден од минатогодишните претставници на Велика Британија на Венециското Биенале), Катарина Банушевац – Србија, Јоана Пиару – Романија, Беким Корча – Косово, Маурин Бахаус – Холандија, Ајсберг Фернандез – Шпанија, Јетон Муја – Косово, Бригита Антони – Црна Гора и Ана Лазаревска – Македонија.

Почнува Галичката ликовна колонија

Овогодишната сесија на ликовната колонија Галичник, со цел да го одржи не само квалитетот и професионалноста, кој е веќе потврден и од домашната уметничка фела и критика, но и од странската, туку и да биде во чекор со најновите текови во уметноста, и овој пат ќе опфаќа работа само и исклучиво со таканаречените „нови медиуми“, т.е. фотографија, дигитална графика, фото инсталација, видео арт, видео инсталација. Сите учесници се значајни и афирмирани уметници во земјите од каде доаѓаат, а и пошироко, со исклучителни остварувања зад себе и иако повеќето млади имаат веќе изградени богати биографии.

„Очекуваме и убедени сме, дека и овогодишната креативна средба, како и сите досега, ќе се одржи на највисоко професионално ниво и дека како резултат на тоа ќе бидат создадени одлични дела, а Ликовната колонија Галичник уште еднаш ќе го докаже квалитетот и посебноста, поради која стана препознатлива и единствена манифестација не само во Македонија, туку и на светската арт мапа“, вели уметничкиот раководител, Ана Франговска.

Извор