Почнува 19. Интернационален фестивал на монодрама „Битола 2017“

Во Битола вечерва почнува 19-то издание на Интернационален фестивал на монодрама „Битола 2017“ на кој годинава за наградата „Гран при“ учествуваат актери од Естонија, Хрватска, Русија, Холандија, Полска, Израел, Словенија, Германија и од Македонија.

Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Брачна игра“ во која настапуваат актерите Игор Џамбазов и Весна Петрушевска, а ќе биде изведена во чест на учесниците кои од утре ќе го почнат натпреварот за наградата „Гран при“, како и наградата на публиката која се добива со директно гласање на гледачите.

Натпреварувачкиот дел почнува утре со монодрамата „Семјон Захарич“ која ќе ја изведе актерот Вјачеслав Рибников од театарот „Глагол“ воТалин-Естонија, а саботната вечер ќе биде исполнета и со монодрамите „Десница-игри на пролетта и смртта“ која ќе ја изведе актерот Јурај Арас од Задар-Хрватска и монодрамата „Солзи поголеми од очите“ во изведба на Валерија Зилина членка на Драмски театар од Орел-Русија.

До 9 мај ќе бидат одиграни и монодрамите „Количка“ со холандската актерка Фунда Мујде, монодрамата „Дива“ со гостинката од Полска, актерката Виолета Комар, актерот од Израел Виктор Атар ќе ја изведе монодрамата „Голгота“, додека Мирел Кнез од Словенечкиот театарски институт-Љубљана ќе ја одигра претставата „Ирена или не можам повеќе“. Пред битолската публика ќе настапат и германскиот актер Вили Шлутер со монодрамата „Одисеј“ и македонските актери Драгана Босниќ која ќе настапи со монодрамата „Бог е жив“, како и битолчанецот Александар Димитровски кој ќе ја изведе монодрамата „Лолита“.

Настапите на актерите ќе ги оценува меѓународно жири предводено од турскиот драматург и режисер Емре Ердем, холандската актерка и драмска писателка Полет Смит, театрологот Нина Мазур од Украина која живее и работи во Германија, и два члена од Македонија, Игор Џамбазов и Атила Клинче.

Интернационалниот фестивал на монодрама секоја година се одржува под покровителство на Министерството за култура.