Почна Меѓународниот натпревар „РобоМак 2016“

На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) денеска почна седмиот Меѓународен натпревар за роботика и вештачка интелигенција „РобоМак 2016“.

На годинашниот натпревар учествуваат 65 учесници од Македонија и 15 странски натпреварувачи. „РобоМак 2016“ вклучува низа работилници и предавања на кои учесниците ќе се запознаат со роботиката и најновите научни достигнувања.

Целите на „RoboMac“ се oвозможување на практична работа од областа на роботиката, меѓусебна размена на знаења и искуства од оваа област помеѓу домашните и странските учесници; приближување на роботиката кон средношколците.

Во рамките на натпреварот, предавања ќе одржат истакнати професори и македонски експерти во доменот на роботиката, кои ќе им го пренесат своето знаење на учесниците.

Учесниците во текот на семинарот ќе работат во мешани тимови и ќе ги склопуваат своите роботи, ќе ја развиваат нивната вештачка интелигенција и ќе ги подготвуваат за финалниот натпревар, кој ќе се одржи на 12 март во Домот на АРМ, со почеток во 18 часот.