Почина Стен Ли, стрип авторот на легендарните херои на Марвел

Стен Ли, славниот стрип автор и коосновач на Марвел Комикс, почина на 95 годишна возраст.

Ли беше човекот кој ги создаваше легендарните карактери на Спајдермен, Икс-Мен, Тор, Ајронмен, Црниот Пантер и Фантастичната четворка.

Заедно со соработниците Џек Кирби и Стив Дитко целосно ја променија стрип индустријата во 1960-тите години со нивните суперхерои, давајќи им комплексни емоционални животи покрај надчовечките способности, додека Марвел универзумот кој го создаваше прејде од хартија на екраните во серијал на телевизиски и филмски адаптации кои го сменија ликот на поп-културата.

Низ годините Стен Ли стана познат по тоа што се бореше против цензурата, а преку неговите сценарија се залагаше и против расизмот, нетолеранцијата, социјалната неправда, дискриминацијата и предрасудите, терајќи ја пошироката јавност стрипот да не го гледа само како форма на забава, туку многу повеќе од тоа.

Иако ја напушти компанијата во 1972 година, Ли остана почесен директор и симбол на светот на Марвел.

Тој имал здравствени проблеми во последната година од неговиот живот, а веста за неговата смрт ја потврдила неговата ќерка, Џи Си Ли.

„Мојот татко беше сакан од многумина. Тој беше еден од најголемите луѓе“, изјавила таа.