Почина српската писателка Исидора Бјелица

Познатата српска писателка Исидора Бјелица почина вечерва на 52-годишна возраст, по тешка борба со ракот.

Покрај писателството, таа беше вклучена и во филмската критика, модниот дизајн, а беше и режисерка и драматург. Има објавено над шеесет книги, педесет под нејзино име, петнаесет под псевдоним. За нив таа има освоено многубројни награди и признанија.

Како млада, пак, Бјелица е позната по тоа што се залагала за демократија, укинување на воената служба и била против дискриминација кон геј-популацијата, поради што, меѓу другото, веруваше дека луѓето од тогашната влада ја прислушкувале и следеле.

Родена е во Сараево на 10 декември 1967 година, каде завршила средно училиште, а Факултет за драмски уметности во Белград, на Катедрата за драматургија, каде и се стекнала со магистерски студии.