Почина режисерот Љубиша Георгиевски

Утрово, на 81 година, почина театарскиот и филмски режисер Љубиша Георгиевски.

Георгиевски беше роден на 30 мај, 1937 година во Битола. Дипломирал на “Академијата за театар, филм, радио и телевизија”, група “Театар и радио режија” во Белград, 1974 година.

Покрај режијата тој беше и драмски писател и есеист, теоретичар на театарот и професор по театарска режија и актерска игра на “Факултетот за драмски уметности” во Скопје.

Георгиевски има издадено повеќе од десет книги. Како филмски режисер има режирано четири филмови, додека како журналист има напишано повеќе од 200 колумни во дневниот весник “Дневник”.

Георгиевски, покрај уметничката, беше познат и по својата политичка кариера. Беше претседателски кандидат во 1994 година, и претседател на Собранието на Република Македонија во периодот од 2006 до 2008 година.

Како режисер работел во Лос Анџелес и Далас, во Полска, Романија, Италија, Хрватска, Србија, Бугарија, а неговите текстови и претстави се прикажуваат во Москва, Виена, Париз, Варшава, Будимпешта, Букурешт, Лоѓ, Софија, Белград, Загреб, Трст…   Во 1994 година беше претседателски кандидат на ВМРО – ДПМНЕ. Бил визитинг професор по онтологија и феноменологија на театар на универзитетите Јужна Калифорнија во Лос Анџелес и Универзитетот на Тексас, во САД.

Од 2000 до 2004 година бил вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Република Бугарија, а во периодот од 2009 до 2013 година ја извршуваше и функцијата амбасадор на Република Македонија во Република Србија.