Почина музичарот Марк Ланеган

Музичарот Марк Ланеган почина на 57-годишна возраст, објави Гардијан.

Пејачот, текстописец и музичар беше познат како главен вокал на „Screaming Trees“, како и дел од „Queens of the Stone Age“.

„Нашиот сакан пријател Марк Ланеган почина утрово во својот дом во Киларни, Ирска“, се вели во соопштението објавено на неговиот Твитер профил.

Американскиот пејач, роден и израснат во руралните средини во источниот дел на Вашингтон, водеше битка со КОВИД-19 што го доведе до кома неколкупати минатата година. Ова искуство го поттикна да ги напише неговите мемоари „Ѓавол во кома“, објавени минатиот декември.

Бројни музичари, многумина од рок-сцената, му оддадоа почит.

„Марк Ланеган, почивај во мир другарче. Вистински пејач“, твитна британското пост-панк дуо „Sleaford Mods“.

„О не. Страшна вест дека Марк Ланеган нè напушти. Безбедно патувај човеку – ќе недостигаш“, напиша на Твитер, музичарот Тим ​​Бурџис од „Charlatans“.

„Во апсолутен шок сум, многу убава душа го напушти овој свет. Те сакам брату“, напиша на Твитер неговиот пријател и колега музичар Антон Њукомб.

„Ланеган беше „извонредно талентиран изведувач, текстописец, уметник и автор и бевме запрепастени кога слушнавме дека починал“, се вели во соопштението објавено на Твитер неговата издавачка куќа во Велика Британија, „White Rabbit Books“.

Во 2015 година, Ланеган со неговиот бенд настапи во Младинскиот културен центар во Скопје, во рамки на промотивната турнеја за албумот „Phantom Radio“.