Почина B.B. King, кралот на блузот

Американскиот пејач и гитарист B.B. King, кој беше нашироко сметан за еден од највлијателните блуз музичари во историјата, почина денеска во Лас Вегас на 89-годишна возраст.

Израснат на памучните полиња на крајниот Југ на САД, низ својата долга кариера, King успеа да го пренесе звукот на блузот од двориштата и баровите по делтата на Мисисипи, до најугледните светски концертни сали, како Карнеги Хол и Берси. Тој изврши силно влијание за редица блуз и рок музичари, а во кариерата освои вкупно 15 награди „Греми“.

King важеше и за еден од најнеуморните светски музичари, а низ 65-те години во кои бил активен, има одржано преку 12.000 концерти и настапи. Во 1956, настапил 342 пати, што е неофицијален светски рекорд. Неговата сестраност резултираше со соработки со стотици музичари, во речиси сите полиња на модерната поп музика. B.B. King Остави и наследство од преку 50 снимени албуми, а неговото влијание е признато во десетиците награди што ги добил. Во 1987 година бил примен во рокенрол Халата на славните.