„Оставкa, „Доста е од вашите непрофесионални мерки“, „Доста е од вашите игри со здравјето на граѓаните“, се дел од пораките што утрово се појавија пред Министерството за здравство во Подгорица заедно со 2.231 пар чевли.
Тие го симболизираат бројот на починати граѓани од последиците од коронавирусот во Црна Гора. Присутните одржаа едноминутно молчење за сите жртви, пренесува Радио телевизија Црна Гора.
Загинатите не се бројки, туку трајни загуби на човечки животи, рече активистот за човекови права, координатор и член на Советот на Граѓанската иницијатива „21. Мај“ Александар Саша Зековиќ.
Тој рече дека граѓаните се обединиле за да се спротивстават на политиката на актуелната власт за заштита на населението. Според него, надлежните премногу пати ја негирале и минимизирале опасноста и заканите од коронавирусот.
„Затоа тие се неспорно и директно одговорни за трагедијата што сите заедно ја преживуваме. Премиерот континуирано го намалува ризикот од коронавирус, а своите верувања ги става над медицината. Остатокот од Владата го поддржува во тоа“, рече Зековиќ.
Тој рече и дека министерката за здравство Јелена Боровиќ Бојовиќ одбила да се соочи со грешките.
„Празните чевли се полни со трагедија. Многубројни семејства исчезнаа и беа уништени“, рече Зековиќ и ги повика граѓаните да се вакцинираат.