Македонскиот музички великан Архангел премиерно го објави својот нов сингл насловен „Пинокио“,заедно со видеоспот. Песната „Пинокио“ за прв пат беше најавена во живо пред две години со изведба на нивниот настап на Таксират Фестивал. Тогаш групата се врати на сцената по повеќе години пауза објавувајќи ја и песната „Поучна“ со Камарад, а денеска македонскиот музички етер е збогатен и со официјалната премиера на новото остварување „Пинокио“.
Во изведба на групата Архангел, зад музиката, лириката и аранжманот на „Пинокио“ се потпишува Ристо Вртев. Песната пред јавноста е претставена и со видео запис по сценарио и режија на Иван Вртев, во кој како актери се појавуваат: Петар Стевановиќ, Славен Арсовски и Иван Вртев, а во продукција на „Аурелио“ и „Томато“.
Легендарната рок група Архангел, чиј врвен музички квалитет е константа низ повеќе од три децении, е едно од најголемите музички имиња од нашата сцена на сите времиња. Со завидна колекција на антологиски хитови и албуми кои ја одбележуваат македонската сцена уште од деведесеттите години, Архангел константно ја потврдува својата музичка величина и ненадминливоста на музичките граници кои ги поставува. Групата оформена во 1988 година од страна на Ристо Вртев, во својата кариера има издадено четири албуми: „Архангел 1“ (1991), „Архангел 2“ (1993), „Heart Core“ (1998) и „Небесна машина“ (2003). Станува збор за едно од малкуте музички имиња кои со своето творештво оставија најзначаен белег на современата музичка сцена на Македонија и одбележаа генерации чија младост одекнува преку нивната музика.
Архангел годинава се актуелни и со веќе потврдениот настап како предводници на програмата на Д Фестивал во Дојра, на 7-ми јули на главната бина на фестивалот.