Петто издание на средношколскиот натпревар „Trash Fashion“

Средношколскиот натпреварот на креации изработени со употреба на рециклирани материјали „Trash Fashion Macdonia“ по петти пат ќе се одржи во организација на Здружението на граѓани ОХО.

Регистрацијата за натпреварот е во тек и е наменет за сите средни училишта кои се вклучени во програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“, имплементирана од ОХO, во соработка со Министерството за образование и наука на Република Македонија.

„Oфицијалната ревија ќе се одржи на трети јуни во МКЦ, по повод Светскиот ден на животната средина и на настанот ќе учествуваат тимови од повеќе од четириесет средни училишта во Македонија, кои веќе четири месеци минуваат низ процесот на собирање, рециклирање и изработка на своите оригинални модни дизајни“, соопштуваат организаторите.

Една недела пред официјалнот настан, ќе се одржи промотивна изложба со наслов „Дизајнерите за Trash Fashion Macedonia 2015” во која ќе учествуваат Јована Филиповиќ, Алмир Ибраим, Ирина Тошева, Драган Христов – Лудус и Билјана Клекачкоска.  Тие ќе ја претстават свој дизајн на шапка изработена со реупотреба на материјали, а целта е да се покаже дека македонските дизајнери се свесни за животната средина и дека умеат да работат со нестандардни рециклирачки материјали.

Целта на Trash Fashion Macеdоnia е на иновативен начин да ги поттикне и анимира младите да ја развијат свеста за заштита на животната средина, собирајќи го отпадот околу нив и да креираат оригинални модели преку неговата реупотреба. Trash Fashion Macedonia е единствен настан од ваков вид во Македонија, за кој објавуваат и повеќе светски медиуми како The Telegraph, Guardian, World Fashion и Gironalettisimo.