Петти мотивациски викенд за млади во Скопје

По петти пат, на 24 и 25 ноември ќе се одржи традиционалниот Мотивациски викенд наменет за мотивација, инспирација и вмрежување на млади. Настанот ќе се одржува во салата „Империјал“ во Македонска опера и балет во Скопје во организација на Младите можат.

„Целта на Мотивациски викенд е да ги мотивираме младите да работат на себе, на приватен и професионален план, преку успешни луѓе кои ја споделуваат својата приказна за досегашните успеси и падови,и работилници за личен и професионален развој“, најавуваат организаторите.

Присутните ќе имаат можност да ги слушнат неколку говорници кои ќе ги споделат со нив нивните животни приказни, успеси но и предизвици до кои се соочиле на патот до успехот. Меѓу говорниците првиот ден се алпинистката Илина Арсова, илустраторот Тхе Мичо, режисерот Ѓорче Ставрески, Дејан Џолев и Ира Бабиќ. Вториот ден ќе говорат Стефан Митров од М3ДС Академија за 3D и Game Design, режисерката Драгана Гунин, Горјан Стојановски – основач на OutletON и Љубомир Стојчески од Фрешис.

Четирите работилници на кои младите ќе имаат можност да учествуваат се на теми „Маркетинг 360“ – од Creative Hub, „Маркетинг на социјални мрежи 101“ – од Brainster, „Elevator pitch” – од Колеги&Колешки, и „Како од парите да направите пари“ – од Илирика
Фонд.