Петмина се убиени при вооружен напад на новинската редакција на весникот „Капитал“ во Анаполис, Мериленд.
Идентитетот на убиецот се уште не е откриен од полицијата, но повеќето медиуми известуваат дека станува збор за 38-годишниот Џарод Рамос, кој претходно го тужел весникот за клевета во 2012 година.
Тој се наоѓа во притвор и полицијата го истражува неговиот дом. Од полицијата известија дека на нападот му претходеле закани преку социјалните мрежи.
Петте жртви се вработени во весникот, и нивни колеги од целиот свет упатуваат сочувство.
Уредникот на весникот Чејс Кук преку Твитер соопшти дека не се откажуваат и дека „утре ќе го објават проклетиот весник“.
Во меѓувреме, се отвори сметка на која граѓани може да донираат за да им помогнат на вработените на весникот за медицински сметки, поправки и трошоци за погреб. Во рок од осум часа, успеаја да соберат 50 000 долари.
Во најновиот број на весникот ќе се оддаде почит на починатите, но и на храбрите 10 новинари и фотографи кои известуваа од нивната редакција за време на нападот.