Петиција – вработени од „Скопје Сити Мол“ бараат промена на работно време и слободни празнични денови

Низ интернет просторот деновиве почна да се шири петиција, потпишана од вработени во ТЦ „Скопје Сити Мол“. Тие велат дека веќе не можат да ги премолчат неправдите кои им ги нанесувало менаџирањето на одговорните за работното време за празници.

„Вие, господа, се дрзнувате да ни наметнете работно време без да се консултирате со нас вработените. Исто така, не ве интересира што ние мислиме за вашите решенија. Ние сме луѓе, господа, со изградени личности и со законски права. Затоа за вашето непочитување на нашите личности, решивме да реагираме вака. Како Вие што се дрзнавте да ни наметнувате ваша волја и работно време како во робовладетелско општество, така ние решивме да побараме од управниот одбор промена на работното време и слободни празнични денови“, стои во петицијата на вработени од „Скопје Сити Мол“.

Конкретно, тие на 31 декември бараат работно време до 18 часот. Потоа, првиот ден од 2017 да е неработен за сите вработени, за Бадник (6 јануари) работното време да е до 17 часот, а Божиќ да е неработен ден.

„Исто така, 23, 24 и 30 декември нормално работно време до 22 часот,  а прв ден од Велигден – неработен ден“, се вели во петицијата, во која досега се потпишани над 1.000 лица.

За проблематиката се обративме кај управителот Балфин МК ДООЕЛ увоз-извоз, компанијата која го менаџира „Скопје Сити Мол“. Жената што се јави на официјалниот број рече дека менаџментот е запознаен со петицијата, но потоа не префрли до друго лице од маркетинг кој го тврдеше спротивното.

„Не сме запознаени со петицијата. ‘Скопје Сити Мол’ е трговски објект кој издава свој простор на преку 170 закупци. Има вработено само околу 30 лица. Нашите вработени одат во повеќе смени, зависно од секторот има различни смени, и ние немаме допирна точка со работењето на локалите во трговскиот објект. Трговскиот си го кажува работното време во договор со своите закупци. Ние не сме надлежни за посредување помеѓу вработените и сопствениците на локалите. Трудовото право си има посебни законски акти, а нашата компанија која издава простор си ги почитува во целост“, велат за Радио МОФ од менаџментот на „Сити Мол“.

Каква е празнична работна ситуација во „Рамстор“?

Онлајн петицијата не натера да прошетаме и да се распрашаме и низ ТЦ „Рамстор“. Со оние што разговаравме, главно ја поддржуваат петицијата и барањата на колегите од „Сити мол“. Односно, и од таму од повеќето добивме одговор од типот дека „се водени од управители кои ниту ги консултираат при промени на работното време, или пак, за износот на платата“.

„Ако не направиме промет за Нова година, или пред Нова година, на први сигурно нема. Нема логика, што ќе изгубат ако го затворат трговскиот центар барем тој ден. Тие нема да имаат никаква загуба“, рече вработена во една од бутиците. Таа заедно со сопственикот на дуќанот се согласни во ставот дека се потребни измени во работното време, така што барем за главните празници не мора да работат.

Во „Рамстор“ пресретнавме и други вработени. Со различен поглед на проблематиката. Во поексклузивен бутик имаат позитивен пристап и тврдат дека „се е во ред“, односно во текот на цела недела работат 40 часови, а за време на празниците се дополнително платени.

Сепак, со ваквото тврдење не се согласува колешка. „Како не, ништо не даваат, а работиме исто и за празниците. Ниту нè прашале, ниту ништо“, рече вработена на штандовите во трговскиот.

„Никаде во странство го нема ова. Во Шведска ниту еден трговски не работи за празниците до десет, туку само еден ден во неделата работат до девет навечер, а останатите денови работат до седум“, потенцира нејзина колешка. „Нека се дигнат на бунт, јас сум за“, додаде друга.

Управителите за „Рамстор“ за Радио МОФ тврдат дека веќе 11-та година по ред се со истото работно време, со кое се запознани како и вработените, така и закупците. Сето тоа е формулирано согласно договорите, па, велат тие, ништо не е присилно.

„Запознаени се кога пристапуваат за работа. Досега, веќе 11-та година по ред немало никакви поплаки кон нас. Тое ни е многу важно. Истовремено, излегуваме во пресрет за било каква критика“, рекоа од „Рамстор“.

Б.Ш. – Е.П.

***ОБНОВЕНО: Неколку часа откако на социјалните мрежи започна масовно да се споделува петицијата, потпишана од вработени во ТЦ „Скопје Сити Мол“, таа е тргната без никакво објаснување. Таа претходно собра над 1000 потписи, но сега кога ќе се отвори линкот, се прикажува порака дека петицијата е тргната од нејзиниот автор.