Пет дена Платформ(а) за современи изведувачки уметности во кино Култура

Од денеска до 30 октомври, во Кино Култура ќе се одржува ПЛАТФОРМ(а) – нова континуирана програма за современи изведувачки уметности во организација на Локомотива – Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата, во соработка со Театар на Навигаторот Цветко. Наредните пет дена ќе се одржуваат претстави, уметнички перформанси, презентации, кампањи и дискусии на домашни и интернационални уметници.

ПЛАТФОРМ(а) е нова програма на Локомотива како дел од Кино Култура како замена за фестивалот Локомоушн, кој по осум изданија годинава е ставен во мирување. Причина за тоа се препреките со кои се соочувале организаторите како на пример, финансиите и субстандардните работни услови.

„Поради тоа, дојдовме до одлуката за проширување на форматот на фестивал во континуирана програма на Платформ(а) за современи изведувачки уметности која ќе ни овозможи тактичко планирање и акција, како и презентација – кога ќе биде возможно – на различни активности во полето на современите изведувачки уметности во период од една година. ПЛАТФОРМ(а) е програма која може да се разбере како механизам, кој има намера преку различни тактички акции да го зачува просторот за современи изведувачки уметности, кој во Македонија полека исчезнува, насочувајќи се кон искуството на настан, политики на презентација, како и дискусија околу современите изведувачко- уметнички референци, концепти, моделите на презентација, кураторските модели, како и теоретските и филозофски идеи, позади нив“, велат од Локомотива.

Активностите ќе започнат вечерва во 20 часот, со изведба на претставата – перформанс „Иднината прочитана во Бетон и Камен“. Следниот ден, во Кино Култура, ќе биде изведена претставата „Празен глас“ во која изведувачите со попречен развој се претставуваат директно преку раскажување на своите лични приказни. Режисер на проектот е Саша Асентиќ и Оливера Ковачевиќ-Црњански, а продуценти се Per.Art – Art и Inclusion Programme, за чие делување како независна организација ќе се зборува на 28 октомври со почеток од 11 часот.

Во петок ќе се одржи перформансот „Зачувај го танцот“ на Сабрина Железник, изведувачка од Словенија и Климент Поповски, слободен уметник и активен член на Локомотива и Номад танц академија Македонија, а потоа следува настап на групата ТЕЛЕМАМА.

На 29 октомври, од 18.30 до 19.30 часот, ќе биде презентирана работата на Леви Гонзалес и Маријана Валенсија, гости од САД, како и на д-р Искра Шукарова како еден од основачите на современата танцова сцена во Македонија, а потоа ќе се прикажува филмот „Светлата на велеградот“ од Чарли Чаплин, за кој музика ќе селектира Дарко Јорданов, диџеј, член на ПИ-ЕМ-ЏИ КОЛЕКТИВ и соработник на Канал 103.

За крај, во недела, на 30 октомври, во 20 часот, ќе биде изведена танцовата претстава „Рајска радина“ на Словенката Мала Клине.

Програмата на ПЛАТФОРМ(а) се реализира во соработка со Кооператива-регионална платформа за култура, Фридрих Еберт Фондација-Канцеларија Скопје, Еуростандард Банка А.Д Скопје, Осигурување Македонија а.д. Скопје – Виена Иншуренс Груп, Хотел Мериот Скопје, GPS/Global Practice Sharing и Балкански фонд за култура и уметност.