Печалбари собраа пари и му подарија пијано на кичевскиот Центар за култура, вечерва е промоцијата

Во Центарот за култура во Кичево вечерва во 20 часот, ќе настапи „Концерт Трио“, со што ќе биде промовирано новото пијано, подарок на печалбари од кичевскиот регион во САД.

Станува збор за донација на 40 семејствa кои живеат и работат во САД. Иницијатор е кичевчанецот Африм Шабани кој е уметник и работи со млади таленти во своето приватно музичко училиште во Америка.

„Ова е многу значаен подарок не само за Центарот за култура туку и воопшто за нашиот град. Гранд пијаното поседува и фабричко монтирано озвучување. Бескрајна благодарност до сите донатори на кои им ветуваме дека ќе дадеме се од себе на овој инструмент да свират многу уметници, но и идни таленти од градот и пошироко“, велат од Центарот за култура, заблагодарувајќи се и на општината која како што велат помогнала донацијата брзо да ги помине царинските процедури.

„Концерт Трио“ го сочинуваат Шкелзен Бафтијари – пијано, Шкелзен Пајазити – виолина и Јетмир Мехмеди – гитара. Музичкиот проект е финансиран од Министерството за култура.