Патувачкото кино на фестивалот „МакеДокс“ тргна кон Порече, соопштија организаторите. Утре проекции на документарци ќе има во селото Крапа, а до 25 јули се најавени посети на уште седум села, Девич, Црешнево, Требино, Локвица, Брест, Косово и Манастирец.
Со цел да се задоволи потребата за културна децентрализација и реанимација на руралните области во Македонија и со желба да се сподели искуството на гледање документарни филмови со што е можно поголем број луѓе, екипата на „МакеДокс“ секоја година посетува нови села и помали градови во различни региони од Македонија. Патувачкото кино на „Македокс“ и оваа година ќе биде вклучено во програмата на музичкиот „Д-Фестивал“ во Дојран од 14 до 16 јули.
Првпат во рамките на Патувачкото кино ќе биде вклучена и работилница за креативен документарен филм. Со наслов „Докуникулци“ на работилницата ќе учествуваат 12 млади филмофили на возраст од 15 до 18 години од Скопје, Тетово, Прилеп и Битола. Работилницата ќе се одвива во три сесии: првата ќе се реализира на „Д-Фестивал“ и во областа Порече за време на Патувачкото кино, втората сесија ќе се случи за време на фестивалот „МакеДокс“ во август, додека завршната сесија ќе биде реализирана наесен во Скопје.
Осмото издание на Патувачкото кино на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, а работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“ се реализира со поддршка од Националната фондација за демократија од Вашингтон.
Во текот на изминатите седум години преку своите настани „МакеДокс“ успеа да допре до вкупно 117.900 гледачи, од кои 30.000 за време на фестивалот во Скопје, околу 80.000 како дел од образовната програма за деца и млади, околу 6.900 кои присуствуваа на проекциите за време на Патувачкото кино во 52 помали населени места низ Македонија и на околу 1.000 посетители на проекциите во рамките на дистрибутивните проекти на „МакеДокс“.