Патувачкото кино на „МакеДокс“ ќе го посети поречкиот регион, ќе застане и на Д фестивал

Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 19 до 25 август 2017 година. Патувачкото кино, пак, ќе се одржи од 12 до 25 јули во 8 места во регионот Порече, и тоа: Крапа (12 јули), Девич (18 јули), Црешнево (19 јули), Требино (20 јули), Локвица (22 јули), Брест (23 јули), Косово (24 јули) и Манастирец (25 јули).

Патувачкото кино и оваа година ќе биде вклучено во програмата на „Д-Фестивал“ во Дојран од 14 до 16 јули.

„Од 2010 година до сега успеавме „МакеДокс“ да го профилираме како повеќеслојна платформа која ја преферира содржината пред формата и која преку сите свои активности и комуникација со јавноста промовира естетски, етички и морални вредности кои се препознатливи и ценети од сите кои дошле во контакт со „МакеДокс“. Во текот на изминатите седум години преку своите настани „МакеДокс“ успеа да допре до вкупно 117.900 гледачи, од кои 30.000 за време на фестивалот во Скопје, околу 80.000 како дел од образовната програма за деца и млади, околу 6.900 кои присуствуваа на проекциите за време на Патувачкото кино во 52 помали населени места низ Македонија и на околу 1.000 посетители на проекциите во рамките на дистрибутивните проекти на „МакеДокс“, велат од фестивалот.